„Мислам дека не треба многу внимание да му се посветува на ова. Јасни се законите, јасни се правилата, секој мора да ги почитува“, вели премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска јасно порача дека „законите и правилата се јасни и секој мора да ги почитува“, одговарајќи на прашање за прекинот на настапот и приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас во Кавадарци во петокот.
Мицкоски истакна дека не бил информиран за случајот веднаш, туку дека негови соработници го известиле по завршувањето на настанот.
Тој нагласи дека Владата „многу строго и внимателно ќе ги следи однесувањата на ваков тип на естрадни уметници и нивни менаџери“.
Мицкоски, кој зборуваше по промоцијата на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините, додаде дека на инцидентот не треба да му се посветува преголемо внимание, но дека почитувањето на законските прописи е задолжително.
„И претпоставувам дека некој таму сака да создаде естрада, којашто таму е присутна, да ја пренесе овде. Мислам дека не треба многу внимание да му се посветува на ова. Јасни се законите, јасни се правилата, секој мора да ги почитува. И многу строго и внимателно ќе ги следиме однесувањата на ваков тип на естрадни уметници и нивни менаџери“,
рече Мицкоски.
Настапот на Аца Лукас во Кавадарци беше прекинат во петокот вечерта за време на акциска контрола на МВР. Според полицијата, причина за прекинот е тоа што пејачот настапувал без соодветна дозвола.
Аца Лукас бил приведен околу 10 минути по полноќ, за време на контрола во угостителскиот објект од повеќе институции, вклучително и од полицијата од Кавадарци, инспектори за странци, пазарниот инспекторат, инспекторатот за труд и Управата за јавни приходи.
При контролата, според полицијата, во локалот биле забележани и други прекршоци: неиздавање фискална сметка, непочитување на правилата за пушење и присуство на гости над дозволениот број. За сите овие прекршоци ќе следуваат соодветни поднесоци.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и денеска, како и во саботата, излезе со реакција за прекинатиот настап на пејачот Аца Лукас во Кавадарци, обвинувајќи ги Министерството за внатрешни работи (МВР) и министерот Панче Тошковски за неспособност и потфрлање на системот.
Во соопштението се наведува дека случајот е „уште еден скандал кој покажува дека и по Кочани имаме целосно нефункционален систем“.
Од СДСМ велат дека во угостителскиот објект со дозволен максимум од 200 лица, имало над 700 луѓе, што е три и пол пати над дозволениот капацитет и спротивно на сите безбедносни протоколи.
Според нив, и полицијата на Тошковски и општината на Митко Јанчев знаеле за пријавениот настан, но не презеле навремени мерки.
„Дозволиле настанот да започне, да се наполни до опасност, а дури потоа, среде ноќ, во 00:10 часот, да биде прекинат“,
се вели во реакцијата.
Од СДСМ велат дека настанот бил во преполн објект и со часови никој не направил ништо.
„Тоа е класичен рецепт за нова трагедија и рецепт за ново ’Кочани’“,
додаваат од СДСМ.
