Крајниот рок за донесување одлука за избор на најповолен понудувач е 12 јануари 2026 година, а 25 февруари 2026 година за доделување одобрение за користење радиофреквенции
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на барање на единствениот понудувач на тендерот „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“ ги продолжи за 96 дена роковите од тендерската документација за трет мрежен оператор во државава.

Со тоа, согласно oдлуката на АЕК, крајниот рок за донесување одлука за избор на најповолен понудувач е 12 јануари 2026 година, а 25 февруари 2026 година за доделување одобрение за користење радиофреквенции.
Одлуката е донесена на 21 ноември годинава, врз основа на член 24, став 1, алинеја 5 од Законот за електронските комуникации и член 44, став 3 од Законот за општата управна постапка, а согласно Одлуката за распишување Јавен тендер со јавно наддавање за доделување на Одобренија за користење радиофреквенции од радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.х GHz и согласно Молбата за продолжување на роковите поднесена од „Оне Македонија телекомуникации“ ДООЕЛ Скопје од 20.11.2025 година.
По отворањето на понудите за тендерот на 22 август годинава, Комисијата за спроведување на Јавниот тендер со јавно наддавање констатира дека сите документи ги исполнуваат условите пропишани во тендерската документација и се согласно закон, но поради распишувањето на локалните избори што се одржаа во октомври, конечната одлука за избор на најповолниот понудувач беше одложена за по изборите.
Во поднесеното Барање за продолжување на роковите поднесено од „Оне Македонија телекомуникации“ ДООЕЛ Скопје се повикуваат на прекин на постапката заради изборниот процес и тоа во вкупен период од 96 дена (од 09.08.2025 до 12.11.2025 година), и врз основа на член 44 став 3 од Законот за општата управна постапка („Службен весник“ бр. 124/15 и 65/18) каде е предвидено дека рокот што го определил овластеното службено лице, како и рокот определен со прописите за кои е предвидена можност за продолжување, може да се продолжи по молба од заинтересираното лице поднесена пред истекот на рокот, ако постојат оправдани причини за продолжување, бараат да се продолжат сите рокови за 96 дена.
Според АЕК, имајќи го предвид членот 44, став 3 од Законот за општата управна постапка, и согласно Барањето за продолжување на роковите, тие треба да се поместат за онолку колку што траел прекинот, односно сметано од денот на објавување на изборите – 09.08.2025 до денот на носење на одлуката за завршување на изборите – 12.11.2025, односно 96 дена, па така наместо 08.10.2025 рокот се продолжува за 96 дена односно до 12.01.2026 година; односно 21.11.2025 година се продолжува за 96 дена и новопредвидениот рок е 25.02.2026 година.
Против оваа Одлука е дозволена тужба до Управниот суд во рок од 30 дена.
На пазарот на електронски комуникации во државава работат мрежните оператори Македонски Телеком АД Скопје, А1 Македонија ДООЕЛ Скопје, како и виртуелните Лајкамобајл ДООЕЛ Скопје, МТЕЛ ДООЕЛ Скопје, РОБИ ДООЕЛ Штип и Греен Телекомуникации ДОО Прилеп.
