Тој појасни дека во Македонија има социјално-солидарен систем, потенцирајќи дека зголемувањето има за цел да го намали ценовниот шок, кој е еднаков за сите пензионери

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), Никола Мемов, вели дека линеарното зголемување на пензиите е воведено на барање на пензионерите и дека е праведен концепт.
Мемов потврди дека зголемување на пензиите ќе има согласно законската регулатива. Тој најави дека во март 2026 година е предвидено зголемување од 1 000 денари, како и законско усогласување во септември 2026 година, кое се очекува да се движи помеѓу три и пет проценти.
Мемов, како што се наведува во соопштението од ПИОМ, нагласува дека кога се говори за пензискиот систем во Република Македонија, многу е битно да се биде прецизен.
„Вкупно за 2025 година планирани се исплати на трансфери од 53 милијарди денари или околу 862 милиони евра. Тие транзициони трошоци не се однесуваат само на исплата на пензиите, туку и на здравственото осигурување на пензионерите и на транзициони трошоци кон вториот пензиски столб. Така што буџетскиот дефицит во ПИОМ се однесува на овие три основни компоненти“,
рече Мемов во гостување во магазинот „Трилинг“.
Прашан дали линеарното зголемување може да биде популистичка мерка, Мемов објасни дека таа е донесена на барање на пензионерите и дека вкупниот буџет за усогласување на пензиите е ист како и при другите проекции.
„Разликата е во тоа што сите добиваат линеарно, а практично проекцијата на буџетот за 2025 за усогласувањето беше проектирана на 4 отсто. Вкупниот буџет е ист што се подели кај пензионерите – во висина од 1 000 денари на секој пензионер линеарно и тој се однесува заради ублажување на ценовните шокови, инфлацијата, зголемувањето на платите“,
истакна тој.
Мемов нагласи дека вкупното зголемување на пензиите во изминатиот период изнесува 25 проценти.
Според него, разликите кај пензионерите, кој колку уплаќал како придонес по основ на работниот стаж, разликите во уплатите завршуваат со денот на изготвувањето на решението за пензија.
„Вие сте уплаќале повеќе и имате поголема пензија на денот на пензионирањето, јас сум уплаќал помалку во Фондот и имам помала пензија“,
вели Мемов.
Тој појасни дека во Македонија има социјално-солидарен систем, потенцирајќи дека зголемувањето има цел да го намали ценовниот шок, кој е еднаков за сите пензионери.
„Инфлацијата или зголемувањето на цените се исти и за вас и за мене. Така што животниот стандард поскапува за сите пензионери подеднакво. Овој концепт е исправен и праведен, затоа што концептот на пензискиот систем во Македонија е социјално-солидарен“,
додава директорот на ПИОМ.
Инаку, Уставниот суд на седница во средата поведе постапка за членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој се однесува на линеарното зголемување на пензиите, со кое редовното месечно усогласување врз основа на порастот на платите и трошоците за живот се заменува со еднаква распределба на средствата за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата, стажот или уплатениот придонес.
На предлог на судијата известител Добрила Кацарска, Судот одлучи по сопствена иницијатива да поведе постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, објавен во „Службен весник“ на 29.07.2025 година.
Судот, како што велат оттаму, го имал предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните.
