Се препорачува, од јавноздравствен аспект, единиците на локална самоуправа во соработка со ЦЈЗ по повлекување на водата и исушување на почвата во дворните места, да пристапат кон детално механичко (физичко) чистење со отстранување на 2-3 сантиметри од површината на почвата (тињата) поради фекална контаминација и да се спроведе дезинфекција, дезинсекција и дератизација (ДДД) од овластена јавна здравствена установа (ЦЈЗ) по епидемиолошки индикации

Институтот за јавно здравје вечерва излезе со препораки за населението во поплавените подрачја во земјава. Оттаму првенствено препорачуваат да се обезбеди безбедна вода за пиење и да се следат информациите од локалните служби за нејзино користење.
„До добивање официјална информација за исправноста на водоснабдувањето, користете флаширана вода или вода што е превриена најмалку 10 минути. На населението од поплавените подрачја се препорачува да користи флаширана вода за пиење, готвење, а доколку користат вода за пиење од локални водоводи, како и од индивидуални или јавни бунари, извори, кладенци, им се препорачува, како превентивна мерка, водата за пиење да ја превриваат во времетраење од 10 минути“,
стои, меѓу другото, во препораките од ИЈЗ.
ИЈЗ исто така препорачува да се одржува лична хигиена и да се избегнува директен контакт со поплавена вода, редовно да се мијат рацете со сапун и со чиста вода, и да се користат средства за дезинфекција како дополнителна мерка за заштита.
„Избегнувајте контакт со вода од поплавите бидејќи може да биде контаминирана со отпадни материи, микроорганизми или хемикалии што може да имаат штетно влијание врз здравјето“,
наведува ИЈЗ.
Институтот препорачува и да се фрли храната која дошла во контакт со поплавена вода, бидејќи можно е да се контаминирала. Пред употреба, велат од ИЈЗ, добро да се измијат прехранбените производи (овошје и зеленчук од пластениците) со безбедна вода за пиење. Храната да се подготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработува.
Од ИЈЗ посочуваат дека поплавите можат да поттикнат размножување на комарци (застојни води), а можна е појава и на глодари кои можат да бидат преносители на болести.
„Иако бројот на комарци е значително намален во овој период, сепак потребно е да се отстрани застојната вода и да се исчисти околината за да се спречи нивно појавување при евентуални потопли денови. Поголемо внимание посветете на глодари (глувци, стаорци), кои често навлегуваат во објекти по поплави и во студените месеци бараат храна и засолниште. Чувајте ја храната во добро затворени садови. Редовно собирајте смет и држете го добро затворен. Елиминирајте влажни и оштетени материјали во домот и околината, тоа спречува појава на мувла и на инсекти што можат да се активираат и во ладни месеци“,
стои во препораките на ИЈЗ.
Се препорачува, од јавноздравствен аспект, единиците на локална самоуправа во соработка со ЦЈЗ по повлекување на водата и исушување на почвата во дворните места, да пристапат кон детално механичко (физичко) чистење со отстранување на 2-3 сантиметри од површината на почвата (тињата) поради фекална контаминација и да се спроведе дезинфекција, дезинсекција и дератизација (ДДД) од овластена јавна здравствена установа (ЦЈЗ) по епидемиолошки индикации.
„Бидете внимателни на симптоми како треска, стомачни проблеми (пр. дијареја), кожни инфекции – тоа може да бидат знаци на болести поврзани со контаминирана вода. Побарајте веднаш лекарска помош при појава на симптоми како треска, дијареја, кожни инфекции. Потребно е да се обезбеди присуство на лекар и медицинска помош во местата најпогодени од поплавените подрачја, со цел пружање здравствена помош на сите категории население, посебно на лица со хронични заболувања, лица над 65 години, бремени жени и мали деца. Здравствената екипа да биде снабдена со неопходни медицински помагала и лекови за брза интервенција на терен“,
велат од Институтот за јавно здравје.
Оттаму им препорачуваат на граѓаните од поплавените подрачја да ги следат препораките од надлежните служби и да постапуваат согласно насоките.
„Редовно следете ги известувањата од надлежните служби – општинските органи, Центарот за јавно здравје и службите за водоснабдување. Стриктно придржувајте се до сите препораки поврзани со употреба на вода, движење во ризични подрачја и евентуални мерки за заштита. Надлежните ЦЈЗ редовно ја следат состојбата на терен, се во контакт со матичните лекари/инфектолози и редовно го информираат ИЈЗ за евентуална појава за поголем број заболувања поврзани со поплавените подрачја со цел навремено преземање мерки за превенција и контрола“,
се наведува во препораките на ИЈЗ.
