Откако се намалија врнежите од дожд, нема излевање на реките. Во Кратово иако водостојот на Крива река е зголемен – ситуацијата е под контрола

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека според известувањата од сите регионални центри, состојбата со водостоите на реките на територијата на Република Северна Македонија до 13 часот денеска е стабилна.
Нема излевање на реките во Куманово, Липково и Старо Нагоричане, а пак нивото на реката Пчиња е во опаѓање. Во Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема поплавени куќи, иако водостојот на Кратовска и Крива река е зголемен, но под контрола.
Во Охрид се регистрирани поплавени подруми и дворови во помал обем, но по престанокот на врнежите состојбата се смирува.
Екипите работат на расчистување на каналите и коритата. Во Битола и Ресен нема нови излевања, реките се во своите корита, а теренските екипи продолжуваат со расчистување на мостови и пропусти.
Во Скопје, Струмица, Штип, Велес, Тетово и северозападниот регион состојбата е стабилна, без излевање на реките, а ситните одрони се отстрануваат од страна на надлежните служби.
