Признанието се доделува на личности од политичкиот, културниот и општествениот живот, кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање
Истражувачот, публицист и поет проф. д-р Севдаил Демири и писателот Ресул Шабани се овогодинешните добитници на државната награда „22 Ноември“ за 2025 година. Наградата им беше врачена денеска во Кристалната сала на Собранието.
Демири изрази благодарност што е добитник на, како што рече, оваа исклучително висока државна награда, која доаѓа како крунисување на речиси три децении непрекината работа во јавната сфера.
„Уште поголема е мојата чест бидејќи ова признание претставува силен симбол на албанскиот идентитет“,
изјави Демири.

Ресул Шабани, изрази благодарност до претседателот на Собранието, присутните министри и пратеници, пријатели и љубители на образованието и културата и членовите на Советот за доделување на наградата 22 Ноември, порачувајќи дека „просветителните умови“ на 22 ноември во градот на конзулите, во Битола го подигнале „темелот на нашиот јазичен идентитет, на албанската азбука“.

Оваа награда се доделува на личности од политичкиот, културниот и општествениот живот, кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во државава.
