Поранешниот претседател беше осуден во септември на 27 години и три месеци затвор за заговор за државен удар за да остане на власт, откако ги загуби изборите во 2022 година

Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро денеска е уапсен од федералната полиција, откако му заврши домашниот притвор, чекајќи исход од жалбата по пресудата на Врховниот суд дека ја загрозил демократијата во Бразил.
Поранешниот претседател беше осуден во септември на 27 години и три месеци затвор за заговор за државен удар за да остане на власт, откако ги загуби изборите во 2022 година од левичарскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва.
Болсонаро беше во строг домашен притвор повеќе од 100 дена за кршење на заштитните мерки во посебен случај што вклучува наводно мешање на САД во водењето на неговиот кривичен случај.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој важи за пријател на Болсонаро, го нарече случајот „лов на вештерки“. Тој воведе санкции врз судијата во случајот, како и царина од 50 посто за некои бразилски производи увезени во САД, која почна да ја укинува овој месец.
Додека беше во домашен притвор, на Болсонаро му беше забрането да користи социјални медиуми. Се очекува неговата одбрана да побара дозвола тој да ја отслужи казната во домашен притвор, наведувајќи здравствени проблеми.
На Болсонаро претходно му беше забрането да се кандидира за изборна функција до 2030 година, откако Изборниот суд на Бразил го прогласи за виновен за нерегуларности за време на неговата кампања за реизбор во 2022 година.
