„Сараевско сафари“ во последните неколку денови е топ тема на Балканот и во светот, откако се појавија информации дека Италија покренала истрага за вмешаност на странски туристи кои плаќале за да „ловат“ луѓе

Во неколку западни медиуми, српскиот претседател Александар Вучиќ, беше поврзуван со наводните експедиции во кои богати странски туристи плаќале за да пукаат со снајпери во цивили за време на опсадата на Сараево.
„Сараевско сафари“ во последните неколку денови е топ тема на Балканот и во светот, откако се појавија информации дека Италија покренала истрага за вмешаност на странски туристи кои плаќале за да „ловат“ луѓе. Меѓу нив се истражуваат и Италијанци.
Наводно се плаќало помеѓу 70.000 и 88.000 фунти „сафари“ во време кога градот беше под опсада на воените и паравоените сили на босанските Срби.
Откако се појавија видеа како присуствувал во Сараево заедно со Воислав Шешељ, Вучиќ негираше каква било вмешаност.
При гостување на кабелската телевизиска станица Информер, тој ги отфрли обвинувањата дека учествувал во нешто слично, тврдејќи дека никогаш немал пушка и дека бил испратен во Пале исклучиво „како новинар“ затоа што „знаел англиски“.
Коментирајќи ги написите во западните медиуми што го поврзуваат со „Сараевското сафари“, Вучиќ оцени дека станува збор за „посериозно организирана приказна“.
Тој тврдеше дека „такви невистини, такви бесмислени работи“ секогаш излегуваат на виделина „во некој критичен и тежок момент за земјата“, алудирајќи на енергетската ситуација во која водечката нафтена компанија во Србија – НИС, во мнозинска руска сопственост, е под санкции на САД.
Вучиќ рече дека ќе ги ангажира најдобрите адвокати во светот да ги тужат „оние што имаат многу пари, од Гардијан и Дејли Меил“ за невистини за неговото учество во „Сараевското сафари“.
„Ќе ги ангажирам најдобрите адвокати, најскапите адвокати во светот – и што и да наплатат, нека земат процент. Остатокот ќе го распределиме на некои деца некаде, бидејќи верувам дека можам да им земам милиони“,
рече Вучиќ.
