Бидејќи постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство, имајќи предвид дека осомничениот е странски државјанин, заедно со видот и тежината на стореното кривично дело и последиците од него, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор
Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против државјанин на Република Србија осомничен за предизвикување на тешка сообраќајна несреќа со смртни последилици кај Валандово, на 19 ноември рано утрото, управувајќи товарно возило „мерцедес“, сопственост на транспортна фирма од Србија, натоварено со околу 24,5 тони пресувана хартија.

Како што информира Обвинителство, тој се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
„Возејќи по регионалниот пат од Валандово кон Дојран, не се придржувал кон одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност животот на луѓето. Иако бил должен да го вози возилото што поблиску до десниот раб на коловозот и да го прилагоди движењето на условите на патот за да не ги загрози другите учесници во сообраќајот, тој не го сторил тоа и изгубил контрола, возилото излегло на банкината надвор од коловозот и се превртело на десната страна. Но, во полуприколката на камионот имало и 10 кинески државјани. При превртувањето, 35-годишна жена и еден маж го загубиле животот, две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а уште две со полесни повреди“,
соопштија од Обвинителството.
Бидејќи постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство, имајќи предвид дека осомничениот е странски државјанин, заедно со видот и тежината на стореното кривично дело и последиците од него, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор.
Во меѓувреме од Обвинителството се преземаат дејствија и за испитување на евентуални елементи на кривично дело криумчарење мигранти.
