Украина, Франција, Германија и Велика Британија работат на контрапредлог на мировниот план од 28 точки за Украина, поддржан од САД, изјавија три извори за Ројтерс
ЕУ и Украина сакаат мир, но нема да се откажат пред руската агресија, изјави денеска високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи, Каја Калас, додека светските агенции објавија дека европските земји работат на свој предлог за прекин на војната во Украина, откако беа објавени детали за американскиот план.

„Ова е многу опасен момент за сите. Сите сакаме оваа војна да заврши, но важно е како ќе заврши. Русија нема законско право на какви било отстапки од земјата што ја нападнала. На крајот условите на кој било договор ги одлучува Украина“,
им рече Калас на новинарите.
Украина, Франција, Германија и Велика Британија работат на контрапредлог на мировниот план од 28 точки за Украина, поддржан од САД, изјавија три извори за Ројтерс.
Еден од изворите рече дека контрапредлогот веројатно ќе вклучува и други европски земји.
Американскиот план бара значителни територијални отстапки за Украина и воено слабеење на земјата, заедно со безбедносни гаранции.
Канцеларијата на германскиот канцелар соопшти дека германските, француските и британските лидери се согласиле во телефонски разговор со украинскиот претседател во петокот да ги зачуваат виталните европски и украински интереси на долг рок.
По презентирањето на американскиот план, кој вклучува голем број отстапки за Украина кон Русија по речиси четири години војна, Фридрих Мерц, Емануел Макрон и Кир Стармер ги поздравија американските напори, но исто така му ја пренесоа на Володимир Зеленски нивната целосна и непоколеблива поддршка на патот кон траен и праведен мир.
Четирите лидери особено ја поздравија посветеноста на суверенитетот на Украина и подготвеноста да обезбедат силни безбедносни гаранции.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот објави дека ќе предложи алтернативи на американскиот план за прекин на конфликтот со Русија, велејќи дека нема да ги предаде националните интереси на својата земја.
Во видеоизјава тој ги повика Украинците да останат обединети во она што го опиша како еден од најтешките моменти во историјата на земјата, додавајќи дека очекува поголем политички притисок во текот на следната недела.
Украина ризикува да ја изгуби поддршката од САД поради планот на Вашингтон за прекин на војната со Русија, предупреди тој.
„Украина може да се соочи со многу тежок избор: губење на достоинството или ризик од губење на клучен партнер“,
рече Зеленски во видеообраќање до нацијата.
