Во справувањето со поплавите ангажирани се екипи на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Јавното комунално претпријатие „Пролетер“, како и приватна механизација кои работат со седум пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции, велат од ЦУК
Над 50 куќи, маганциски простории, визби и земјоделство земјиште се поплавени во селата Царев Двор и Дрмени на подрачјето на Општина Ресен поради излевање на Болнска и Источна река како последица на обилните врнежи од дожд, соопшти попладнево Центарот во управување со кризи повикувајќи се на вонредна информација од РЦКУ Ресен.

Според информациите, поплави се евидентирани и кај селото Долна Бела Црква поради излевање на Голема Река, чиј водостој во моментов изнесува 210 сантиметри.
Од ЦУК велат дека во справувањето со поплавите се ангажирани екипи на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Јавното комунално претпријатие „Пролетер“, како и приватна механизација кои работат со седум пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции.
„Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти“,
се вели во информацијата.
Од ЈП „Македонија пат“ информираат дека на повеќе патни делници има наноси од земја, кои се расчистуваат според приоритет.
Претходно денеска од Центарот за управување со кризи известија дека обилните врнежи од дожд во последното деноноќие предизвикале значително зголемување на водостоите на реките на повеќе места во земјава доведувајќи до локални излевања, поплавени објекти и одрони на патиштата.
