Адеми вели дека европската иднина на државата не смее да биде заложник на неуспесите на власта и посочи дека партијата останува посветена на евроатлантскиот курс и на спроведувањето на реформите што ги бара Европската Унија
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) сметаат дека последниот извештај на Европската комисија за напредокот за земјата потврдува дека актуелната влада доживеа неуспех во речиси сите основни европски стандарди и го доведува интеграцискиот процес во најдлабока блокада.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти потпретседателот на партијата, Арбер Адеми, кој додава дека овој извештај содржи најсериозни критики за земјава во последните години.
Европската комисија, како што рече, констатира регресија во владеењето на правото, без напредок во независноста на судството и со со зголемено политичко влијание. Смета дека предвиденото финансирање за судството што треба да е 0,8 отсто од бруто-домашниот производ и 0,4 отсто за обвинителството е далеку од реално.
Борбата против корупција рече дека е со нулта резултати, односно дека случаите со висок профил не се завршуваат, а антикорупциските институции се слаби и неефикасни.
Според него, извештајот нотира видливо влошување на слободата на медиумите и основните права, како и длабока политизација на јавната администрација и економска нестабилност.
„Главната порака на ЕУ е јасна, Северна Македонија не може да отвора поглавја без решавање на основните проблеми“,
кажа тој.
Затоа, како што додаде, ДУИ бара итно деблокирање на реформите во правосудството, усогласување на буџетот во судството и обвинителството со европските стандарди, зајакнување на финансиската автономија на правосудните органи, непосредно усвојување на уставните измени, деполитизација на администрацијата и зајакнување на независните институции, односно целосно спроведување на препораките на ЕУ за првиот кластер.
„Без усвојување на уставните измени, без овој чекор преговорите остануваат замрзнати“,
вели Адеми.
Адеми заклучи и дека европската иднина на државата не смее да биде заложник на неуспесите на власта и посочи дека ДУИ останува посветена на евроатлантскиот курс и на спроведувањето на реформите што ги бара Европската Унија.
Европската комисија во извештајот за напредокот за земјава за 2025 година и во својата Стратегија за проширување минатата недела констатираше дека македонските властите продолжиле да работат на патоказите за владеењето на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата, но напомена дека е важно земјата да напредува и да ги финализира сите подготвителни работи поврзани со критериумите за отворање на кластерот „Основи вредности“, особено во делот на владеење на правото, заштита на судската независност и интегритет и зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Во Извештајот се забележува и дека парламентот не направил обид за усвојување на уставните измени со кои Бугарите и други помали етнички заедници, ќе бидат вметнати во Уставот.
