Во тој контекст, од владејачката партија ги повторуваат критиките кон судиите, за кои велат дека наместо на повисоки плати, фокусот треба да им биде на работата и испорачувањето резултати
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска преку писмено соопштение ги повтори своите и тврдењата на нејзиниот лидер и премиер на државата Христијан Мицкоски дека Македонија е меѓу земјите кои издвојуваат значителни средства за правосудството и која на судиите и обвинителите им обезбедува високи примања.

Како што велат од партијата од државниот буџет за македонското судство се одвојуваат 0,39 отсто од БДП, што е далеку повеќе од средствата што за оваа намена ги издвојуваат економски далеку помоќни држави во Европа.
Во тој контекст, од партијата како примери ги наведуваат Франција, за која велат дека за судството одвојува 0,20 отсто од својот БДП, потоа Германија – 0,30 отсто и Грција – 0,26 отсто. Од земјите кои не се членки, а се кандидатки за членство во Европската Унија, според ВМРО-ДПМНЕ Албанија за судството одвојува 0,29 отсто од БДП, Молдавија – 0,35 отсто и Грузија – 0,23 отсто.
„Овие податоци покажуваат дека иако Македонија е мала држава и по територија и население, сепак за правосудството издвојува значителни средства од државниот буџет. Ова значи дека нашата држава во правосудството вложува најмногу од сите погоре набројани држави, а добива најмалку“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, со ваквите вложувања и обезбедените финансиски средства земјава досега требало да има најнезависно и најефикасно правосудство, но наместо тоа граѓаните гледаат бавни постапки, нерешени предмети, одложувања без основ, политички влијанија и недоверба.
Во таа насока, од ВМРО-ДПМНЕ ги повторуваат критиките кон судиите, за кои велат дека наместо на повисоки плати, фокусот треба да им биде на работата и испорачувањето резултати.
„И во вакви околности кога Македонија процентуално од БДП издвојува најмногу средства за правосудството во регионот и Европа, а судиите земаат и до три просечни плати, некои и повеќе, а резултатите од нивната работа се минимални, а сепак бараат уште. Нема ниту резултати, нема ниту правда, ниту квалитет, ниту реформи, а плаќаме најмногу и добиваме најмалку. Наместо фокусот да им е само за повисоки плати, нека се зафатат за работа и нека покажат резултати од работењето за да ги оправдаат и сегашните највисоки во регионот. Правосудството е зрело за реформи и тие мора и ќе се случат“,
порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, соопштението од владејачката партија доаѓа по интервјуто на германската амбасадорка во Скопје, Петра Дреклсер за „360 степени“ во кое вели дека со загриженост ја следи дебатата во земјава за тоа колку треба да изнесува буџетот за правосудството која се отвори по објавувањето на извештајот на Европската комисија за С Македонија. Во документот, меѓу другото, се констатира дека правосудството е финансиски зависно и под притисок на извршната и законодавната власт, но премиерот Христијан Мицкоски во неколку јавни настапи порача дека нема намера да ги зголеми финансиите за судството и јавното обвинителство. Меѓу другото, тој се повикува на анализа на буџетите за правосудството во европските држави за 2022 г. која покажува дека земјава издвојува поголем процент од БДП за оваа намена од голем број земји членки на ЕУ.
„Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државата е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен. Мора убаво да се погледнат бројките. Ако ги споредите податоците кои Европската комисија за ефикасноста на правосудството ги доби како резултат на испитувањето во 2022 г., ќе видите дека Германија уште во тоа време инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Северна Македонија”,
вели германската амбасадорка во интервјуто за „360 степени”.
Секако, додава Петра Дрекслер, знаеме оти мора да се земат предвид и фискално-политичките аспекти во преговорите за буџетот. Но, порачува амбасадорката на Германија: „Ние како ЕУ ќе може да примиме само нови членки кои континуирано работат на тоа владеењето на правото да биде загарантирано”.

Премиерот Мицкоски вчера повтори дека не гледа причина да се зголеми буџетот за судството, затоа што, како што рече, Македонија одвојува од буџетот пари за правосудниот систем повеќе од 75 проценти од земји членки на ЕУ.
Според него, 0,25 проценти е нешто што е прифатливо за судовите и 0,1 процент за обвинителите или вкупно 0,35 проценти од нашиот БДП. Мицкоски рече дека нема да се мешаат во плановите за вработување и унапредување, но дека како Влада се одговорни за трошењето на секој денар народни пари.
Според извештајот на Советот на Европа за буџетите за правосудството во земјите членки на оваа организација за 2022 г., на кој се повикуваат и премиерот Мицкоски и амбасадорката Дрекслер, Македонија издвоила 0,37% од БДП заедно за судството и јавното обвинителство, а Германија – 0,35% од БДП. Анализата на податоците по глава на жител, пак, покажуваат дека земјава одвоила 19,27 евра додека Германија потрошила 140,73 евра ,,пер капита” за правосудниот систем што е за седум пати повеќе од Македонија.
