Изјавата од кабинетот на Зеленски е објавена по неговата средба со висока делегација на армијата на Соединетите Американски Држави (САД), која денеска пристигна во Киев. Претходно дел од функционерите во Киев остро го осудија планот оценувајќи го како апсурден и неприфатлив
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе преговара со својот американски колега Доналд Трамп за мировен план поддржан од САД, кој, од она што досега е познато од пишувањата на светските медиуми, предвидува Киев да направи болни отстапки со цел да се стави крај на агресијата од Русија.

Кабинетот на Зеленски денеска потврди дека го примил нацрт-мировниот план што го подготвиле американски и руски претставници и дека во наредните денови ќе разговара со Трамп за дипломатските можности и главните точки што се неопходни за мир, пренесе „Гардијан“.
„Се согласивме да работиме на точките од планот за да се дојде до достоен крај на војната“,
се вели во соопштението од канцеларијата на Зеленски.
Одговорот од администрацијата украинскиот претседател доаѓа откако претходно дел од функционерите во Киев остро го осудија планот, оценувајќи го како апсурден и неприфатлив.
Изјавата од кабинетот на Зеленски беше објавена по неговата средба со висока делегација на армијата на Соединетите Американски Држави (САД), која денеска пристигна во Киев.
Според други официјални лица во Киев мировниот предлогот, наводно составен од Кирил Дмитриев, близок сојузник на Владимир Путин, и специјалниот претставник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, е „провокација“, чија цел е да се разгори поделба и да се „дезориентираат“ сојузниците на Украина.
„Во моментов нема знаци дека Кремљ е подготвен за сериозни преговори. Путин се обидува да ‘купи’ време и да ги избегне санкциите од САД“,
изјави претседателот на парламентарниот комитет за надворешни работи на Украина, Олександр Мережко, кој за соработникот на рускиот претседател Дмитриев рече дека е „никој“.
Со иницијативата не се согласува и првиот заменик-министер за надворешни работи на Украина, Сергеј Кислица, кој рече дека таа е нереална. Кислица посочи дека станува збор за класична информативна операција во советски стил за влијание врз мислењето и сеење паника.
Според медиумските извештаи, предлогот од 28 точки многу наликува на барањата што ги постави Москва веднаш по нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година. Информациите велат дека тој бил изготвен од руски и американски претставници, со поддршка од Доналд Трамп и дека Киев воопшто не бил консултиран.
Европски дипломат изјавил дека за планот дознале од медиумите.
Според она што досега е објавено од медиумите, планот предвидува Украина да го отстапи северниот дел од регионот Донбас, кој го контролира, на Русија, и да ја преполови големината на својата армија. Украина, исто така, ќе биде принудена да се откаже од своето оружје со долг дострел, кое се користи за удар врз воени цели во Русија.
Исто така, се предвидува да не бидат дозволени странски трупи на територијата на Украина, услов што ја исклучува можноста за мировни сили предводени од Велика Британија и Франција. Според Аксиос, САД треба да дадат одредени безбедносни гаранции, но какви ќе бидат тие, засега не е прецизирано.
Рускиот јазик и Руската православна црква, како што објавија медиумите, според планот, треба да добијат формален статус, што е едно од долгогодишните барања на Кремљ.

Инаку, украинскиот претседател, Зеленски денеска се сретна со секретарот на американската армија, Ден Дрискол, кого Трамп го именуваше минатата недела за „специјален претставник“. Дрискол, како што беше објавено е во мисија да ја провери ситуацијата во Киев околу прашањето за војната со Русија и производството на украински беспилотни летала.
Засега останува нејасно дали во разговорите станало збор и за контроверзниот нацрт-планот на САД.
Инаку, Белата куќа соопшти дека досегашниот специјален претставник на Трамп за Украина, Кит Келог, ќе ја напушти функцијата во јануари следната година.
Обновениот притисок на Белата куќа да ја принуди Украина да направи значајни отстапки во потрага по мир доаѓа во тежок момент за Зеленски, кој се обидува да справи со најголемиот политички скандал откако стана претседател во 2019 година.
Неговиот поранешен деловен партнер Тимур Миндич и најмалку двајца владини министри се обвинети за вмешаност во шема за поткуп од големи размери, а неколку пратеници од партијата на Зеленски го повикаа претседателот да го разреши неговиот шеф на кабинет, Андриј Јермак.
Европските лидери на состанокот во Брисел денеска рекоа дека не биле однапред предупредени за најновата иницијатива на Белата куќа.
„Ги поздравуваме мировните напори, но Европа е главниот поддржувач на Украина и, се разбира, безбедноста на Европа е во прашање. Затоа очекуваме да бидеме консултирани“,
рече министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски.
Високата преставничка за надворешна и безбедносна политика на Европска Унија (ЕУ) , Каја Калас, изјави дека Европа ги поздравува сите напори за постигнување долготрајно и праведно решавање на војната, но нагласи дека за таквото решение да функционира во неговото носење мора да бидат вклучени Украинците и Европејците.
„За да функционира каков било план, потребни се Украинци и Европејци“,
изјави Калас.
Шефицата на европската дипломатија рече дека предлогот Дмитриев-Виткоф не предвидува никакви отстапки за Москва
„Мора да разбереме дека во оваа војна има еден агресор и една жртва. Ако Русија навистина сакаше мир, можеше да се согласи на безусловно примирје уште пред некое време“,
додаде таа.

Британската влада рече дека ја поддржува иницијативата на Трамп „да ја заврши ова варварска војна“, но од Даунинг стрит нагласија дека „само украинскиот народ може да ја одреди својата иднина“ и дека Русија би можела да ги заврши борбите утре со повлекување на трупите и ставање крај на „нелегалната инвазија“.
Заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, одби да даде коментар за мировниот план.
„Би се согласил дека тоа е прашање кое претседателот продолжува да го става во преден план во рамките на нашата надворешната политика, а тоа е постигнување договор меѓу Украина и Русија, за да можеме да имаме мир во Европа и да можеме да го прекинеме убивањето на толку многу невини луѓе“,
рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец изјави дека го одложува својот план за средба со рускиот претседател во Будимпешта бидејќи не сака тоа да биде „губење време“.
Вчера украинскиот претседател во Анкара се сретна со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган. По средбата двајцата кажаа дека се посветени на изнаоѓање мировно решение за војната.
Москва во последните месеци ги зголеми своите систематски напади врз енергетската инфраструктура на Украина, потопувајќи голем дел од земјата во темнина. Вчера руските сили извршија напади на неколку градови во западниот дел на Украина, вклучувајќи го и Тернопол, каде беа убиени 26 лица, меѓу кои и три деца.
