Повеќе од два часа се водат разговори околу датумот за парламентарните избори, помеѓу лидерите на владејачката СДСМ Зоран Заев и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Средбата се одвива во вила Водно кај претседателот Стево Пендаровски и започна во 18:30 часот.

Новинарските екипи се подготвени и го очекуваат крајот на средбата, но засега нема најави кога би завршила.
Пендаровски денеска во обраќање до јавноста истакна дека избори треба да има, но оти тие треба да бидат во договор и со учество на сите политички субјекти. Ова е прва средба во ваков формат за изборите кај шефот на државата, откако на претходните две лидерски средби не беше постигнат договор. Како што рече Пендаровски, нема потреба за повторна лидерска средба во форматот што го имаа досега два пати, затоа што позицијата на другите лидери се изборите да се одржат на 5 или 19 јули.

Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, како и евроамбасадорот Самуел Жбогар очекуваат од двајцата лидери да се договорат околу датумот, бидејќи сметаат дека на државата ѝ се потребни функционални институции.
„Важно е во земјата да се одржат избори. На Северна Македонија ѝ се потребни избрани и потполно функционални институции – Влада и Собрание – за да се справуваат со многуте итни предизвици кои ќе имаат долгорочен ефект врз иднината на земјата, вклучувајќи го одговорот на кризата со ковид-19, како и подготовките за пристапните преговори со ЕУ. Што се однесува до датумот за овие избори, тој треба да се утврди во согласност со законите и Уставот на земјата“,
рече Брнз.

На иста линија е и евроамбасадорот Жбогар, кој истакната дека партиите немаат големи разлики околу датумите, бидејќи и двете партии сакаат избори во јули.
„Го слушав претседателот Пендаровски денеска кога објаснуваше зошто нема да ја пролонгира вонредната состојба. И тој ги покани двајцата лидери на средба затоа што мислам дека имаше многу добра поента дека лидерите треба да разговараат и да најдат решение. Најдобро е секако ако сите се согласат за датумот. Мислам дека тоа е многу добар гест од негова страна и се надевам дека кога ќе се сретнат лидерите ќе најдат решение. Не се многу далеку двете или сите партии сакаат избори во јули. Прашањето е само да се согласат за датумот, а тоа не би требало да биде премногу тешко“,
рече евроамбасадорот Жбогар.