Во текот на вечерните и утринските часови до ЦУК се пристигнати повеќе пријави за свлечишта на земја и одрони на патот како последица на обилните врнежи
Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информира дека сообраќајот на регионалниот пат Македонски Брод – Скопје, кај резерватот „Јасен“ е во прекин од 8:40 часот утринава поради одрон на патот.

АМСМ препорачува внимателно возење, посебно на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Дополнително, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во текот на вечерните и утринските часови добиени се повеќе пријави за свлечишта на земја и одрони на патот како последица на обилните врнежи. Пријавите се однесуваат главно на западниот и југозападниот дел од земјава, односно на патот Дебар – Струга кај местото Џепчиште и на патот Кичево – Охрид кај место Извор.
„Оперативниот центар при ЦУК веднаш стапи во контакт со дежурните служби на ‘Македонија пат’, кои веднаш се вклучија во отстранување на свлечиштата и одроните кои предизвикуваа опасност по сообраќајот“,
наведуваат од Центарот за управување со кризи.
