Тој додаде дека секоја одговорна влада кога има ваков проблем мора да најде решение или барем предлог-решенија за решавање на ваквите предизвици, но ВМРО-ДПМНЕ тоа не го прави и никако не го адресира

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упатувајќи критика за економските политики на Владата, предупреди дека до крајот на годината ќе има сериозен бран отпуштања во зоните со странски инвестиции.
Филипче изјави дека добива информации за сè поголем број отпуштања, со што е сериозно загрозена егзистенцијата на илјадници семејства.
Лидерот на СДСМ посочи дека Владата не само што не успеала да донесе нови странски инвестиции туку се затвораат и постојните. Како пример ги наведе компаниите „Аптив“, која работи од 2016 година со 500 вработени, и „Дура аутомотив сустем“ (Dura Automotive Systems), која најавила стопирање на планираната нова инвестиција.
Според Филипче, со досегашните и најавените отпуштања до крајот на годината, бројот на вработени во зоните со странски инвестиции ќе биде намален за околу 30 отсто. Тој нагласи дека ова е огромна бројка, на која се додава и затворањето на десетици домашни компании од текстилната индустрија.
„Откако премиерот заврши со сликање со нашите инвестиции, со китење со туѓи перја, сега дојде реалноста за неговата неспособност, имаме трипати помалку донесени странски инвестиции“,
рече Филипче оценувајќи дека државата доживува драматичен економски пад и целосна незаинтересираност од страна на Владата.
Тој додаде дека секоја одговорна влада кога има ваков проблем мора да најде решение или барем предлог-решенија за решавање на ваквите предизвици, но ВМРО-ДПМНЕ тоа не го прави и никако не го адресира.
Инаку, пред неколку дена медиумите пренесоа дека две големи странски компании, кои неколку години активно работат во ТИРЗ-зоната „Бунарџик“ во Скопје, се подготвуваат да го напуштат македонскиот пазар.
Според неофицијални информации, „Аптив“ од август досега го намалила бројот на вработени за околу триесет отсто.
Од Технолошко-индустриските развојни зони потврдуваат оти добиле информации од менаџментот на „Аптив“ дека се водат преговори со други мултинационални компании за евентуално преземање или продажба на нивниот бизнис во земјава. Втората компанија која ќе замине е американската „Дура“, а одлуката веќе му била соопштена на менаџментот на ТИРЗ од каде што најавија оти ќе бараат делумно враќање на државната помош поради неисполнување на договорените обврски.
Коментирајќи ја најавата дека две американски компании кои работат во ТИРЗ-зоната „Бунарџик“ во Скопје се подготвуваат да го напуштат македонскиот пазар, премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе има компании, и домашни и странски, што ќе се отвораат, ќе има компании што ќе се затвораат и тоа не треба да се сфаќа како нешто што претставува крај на светот.
