Целта, велат од Министерството, е да ги потсетат возачите дека од 15 ноември до 15 март задолжително е поседување на пропишана зимска опрема, како и да ги едуцираат за нејзино правилно користење
„Вози безбедно – стигни сигурно“, е мотото на кампањата што ја започнаа Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во пресрет на зимската сезона, кога во сила стапуваат правилата за поседување на посебна опрема во возилата.

Кампањата, како што информираа од МВР, стартува со превентивно-едукативна акција на наплатната станица „Петровец“, спроведена од полициски службеници од Секторот за сообраќајни работи при Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и нивните колеги од Мобилната единица за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Целта, велат од Министерството, е да ги потсетат возачите дека од 15 ноември до 15 март е задолжително поседување на пропишана зимска опрема, како и да ги едуцираат за нејзино правилно користење.
Инаку, под пропишана зимска опрема за моторни возила до 3 500 килограми се подразбира зимски пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од четири милиметри на сите четири тркала или летни пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од четири милиметри на нагазен слој по ширина и должина и синџири за снег за погонските тркала.
Што однесува до возилата на моторен погон на сите четири тркала, правилата за зимската сезона налагаат поседување зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од шест милиметри или летни пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од четири милиметри и синџири за снег.
Од МВР повикуваат возачите да ги почитуваат правилата бидејќи, како што наведуваат оттаму, зимските услови носат повисок степен на ризик поради лизгави коловози од снег, мраз или голомразица, потоа намалена видливост од магла и врнежи, подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења, како и зголемен замор кај возачите.

Конкретно, од Министерството за внатрешни работи и од РСБСП апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги следат следниве препораки:
- следете ги информациите за временските услови на патиштата;
- приспособете го возењето според условите на патот;
- почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација;
- носете зимска опрема во возилото и користете ја соодветно;
- направете зимска проверка на возилото;
- одржувајте безбедно растојание меѓу возилата;
- избегнувајте нагло сопирање и нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.
„Со оваа кампања ја испраќаме пораката дека безбедноста на патиштата е заедничка обврска и само така може да се изгради култура на одговорно и безбедно однесување во сообраќајот“,
се наведува во соопштението од МВР.
