Потпишувањето на пакетот за финансирање од страна претседателот, откако претходно тој помина во двата дома на Конгресот, треба да ги врати федералните работници на своите работни места уште денеска, но сепак станува збор за привремен закон што ќе важи до крајот на јануари следната година
Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа го потпиша законот за финансирање, со што заврши најдолгата блокада на федералната влада во историјата на САД, која траеше 43 дена, пренесоа светските медиуми.

Потписот на Трамп, кој е формалност, доаѓа откако Претставничкиот дом, каде мнозинството го имаат републиканците, го усвои пакетот со кој повторно се воведува помошта за храна за лицата со ниски примања и се овозможува враќање на стотици илјади федерални работници во повеќе сектори, меѓу кои и контролорите на летање.
Законот во Претставничкиот дом помина со 222 гласа „за“ и 209 „против“, пред благодарение на мнозинството на републиканците на Трамп. Од друга страна, пакетот наиде на неодобрување од најголем дел од демократите, кои се лути што 43-дневното затворање на федералната влада, што условно кажано, беше иницирано од нивните колеги во Сенатот, не успеа да обезбеди договор за продолжување на федералните субвенции за здравствено осигурување. Сепак, законот го поддржаа и неколкумина демократи.
„Значи, со мојот потпис, федералната влада ќе продолжи со нормална работа, а мојата администрација и нашите партнери во Конгресот ќе продолжат со нашата работа за намалување на трошоците за живот, враќање на јавната безбедност, раст на нашата економија и повторно отворање на Америка. Ова е голем ден“,
изјави Трамп потпишувајќи го законот пред новинарите во Овалната соба.
Потписот на Трамп за законот, што Сенатот го одобри претходно оваа недела, ќе ги врати федералните работници на работа уште денеска, иако останува прашањето колку брзо ќе се вратат во целосна нормала владините услуги и операции.
Имено, станува збор за привремен закон, кој ќе важи до 30 јануари следната година.
Блокадата на федералната влада почна на 1 октомври, откако републиканците и демократите не успеаја да постигнат договор за новиот федерален буџет.
Крајот на блокадата нуди надеж дека услугите што се критични за воздушниот сообраќај ќе се опорават на време за критичниот бран патувања за Денот на благодарноста што е за две недели. Враќањето на помошта за храна за милиони семејства би можело да ослободи простор во буџетите на домаќинствата за трошење додека сезоната на празнично купување влегува во полн ек.
Тоа исто така значи продолжување на објавувањето податоци за американската економија од клучните статистички агенции во наредните денови. Недостатокот на податоци ги остави инвеститорите, креаторите на политики и домаќинствата во голема мера во незнаење за пазарот на трудот, инфлацијата, трошењето и економскиот раст воопшто.
Но, веројатно е дека некои празнини во податоците ќе продолжат, а Белата куќа вели дека октомвриските извештаи за работни места и индексот на потрошувачки цени можеби никогаш нема да бидат објавени.
Голем број економски проценуваат дека затворањето го намалило бруто домашниот производ за повеќе од една десетина од процентен поен во текот на секоја од речиси шесте недели, колку што траеше затворањето, иако се очекува поголемиот дел од загубите да бидат надоместени во наредните месеци.
Инаку, законот, со кој се става крај на блокадата на федералната влада, доаѓа осум дена откако демократите победија на неколку клучни избори, кои многумина во партијата ги сметаа за зголемување на нивните шанси за обезбедување продолжување на субвенциите за здравствено осигурување, кои истекуваат на крајот од годината.

Иако, договорот што го постигнаа републиканците со седуммина демократи во Сенатот, наложува овој дом на Конгресот повторно да гласа за субвенциите за здравствено осигурување во декември претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, не даде такво ветување.
Претставничката на демократите Мики Шерил, која беше избрана за гувернерка на Њу Џерси минатата недела, се изјасни против законот за финансирање во својот последен говор пред Претставничкиот дом, повикувајќи ги своите колеги да се спротивстават на администрацијата на Трамп.
„Колеги, не дозволувајте ова тело да стане церемонијален црвен печат за администрација која им зема храна на децата и го намалува здравственото осигурување. Американци, останете силни. Како што велиме во морнарицата, не го напуштајте бродот“,
рече Шерил.
И покрај меѓусебните обвинувања, ниту една партија не изгледаше дека има јасна победа. Анкета на Ројтерс/Ипсос објавена во среда покажа дека 50 проценти од Американците ги обвинуваат републиканците за затворањето на владата, додека 47 проценти сметаат дека виновни за блокадата се демократите.
