Согласно Правилникот за задолжителна опрема, прописите се разликуваат во зависност од тежината и типот на возилото – за возила до 3 500 килограми и за возила со погон на четири тркала

Од 15 ноември до 15 март идната година возилата што учествуваат во јавен сообраќај задолжително мора да поседуваат пропишана зимска опрема, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оваа законска обврска, која е согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, е воведена со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови. МВР апелира до возачите да се придржуваат до правилата.
Согласно Правилникот за задолжителна опрема, прописите се разликуваат во зависност од тежината и типот на возилото – за возила до 3 500 килограми и за возила со погон на четири тркала.
Возилата до 3 500 килограми треба да имаат зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од четири милиметри, или ако имаат летни пневматици со длабочина на шарите од најмалку четири милиметри – во тој случај во возилото мора да има синџири за снег или други помагала.
Возилата со погон на четири тркала е потребно да имаат зимски пневматици со минимална длабочина на шарите од шест милиметри. Од МВР велат дека доколку овие возила користат летни пневматици, задолжителни се синџири за снег – најмалку за задната осовина, или за постојано вклучената оска кај преклоплив погон.
За возила што надминуваат 3 500 килограми, односно автобуси и товарни возила треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите од шест милиметри, а доколку користат летни пневматици, задолжителни се синџири за снег.
Автобусите и товарните возила кои технички не можат да постават синџири мора да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Од МВР појаснуваат дека зимски пневматици се оние што на бочната страна ја имаат ознаката „MS”, “M+S”, “M & S” и знакот на снегулка на стилизирана планина со три врва. Строго е забрането поставување пневматици со клинци во патниот сообраќај.
