Одговарајќи на новинарски прашања на темата, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Министерството за финансии одлуката ја донело на негово барање, а причината, како што рече, е да се истражат сите злоупотреби што се случувале не само сега туку и претходно
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски избегна директно да ја коментира изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска имплицира дека злоупотреби со ИПАРД-програмата немало само сега, туку оти вакви дејствија имало и претходно кои, како што кажа, ќе бидат истражени.

Одговарајќи на новинарско прашање, Коцевски се осврна на истрагата што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја отвори против актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и уште четири лица за давање и земање поткуп.
Во таа насока, државниот јавен обвинител потсети дека за неколку обвинети е определен притвор во рамките на истрагата, додека за други детали во овој момент не може да сподели детали.
„Секоја предистрага е тајна, овој предмет се водеше неколку месеци, го истражуваме така што дадовме наредби и успеавме да обезбедиме докази. И сами знаете дека имаше и неколку обвинети за кои е започната и истражна постапка, притвор е определен за неколку обвинети и така што ќе видиме понатаму. Во овој момент не можеме ништо да ви кажеме и да споделуваме детали околу таа постапка“,
рече Коцевски одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Инаку, случајот со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во руралниот развој доведе до времено стопирање на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата.
Прашањето што се отвори и за кое копјата повторно ги вкрстија власта и опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) е кој ги стопирал средствата, односно дали одлуката е на Европската комисија или на институциите во земјава.
Министерството за финансии вчера објави дека донело одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата. Додаваат дека за временото стопирање на исплатите уште истиот ден била известена Европската комисија, чиј повратен одговор бил дека ја поздравуваат одлуката.
Одговарајќи на новинарски прашања на темата, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Министерството за финансии одлуката ја донело на негово барање, а причината, како што рече, е да се истражат сите злоупотреби што се случувале не само сега туку и претходно.
„Да, јас тоа го побарав затоа што мораме да видиме до каде одат злоупотребите, затоа што првичните информации велат дека не е тоа само од сега туку дека и наназад е правено. Така што, сè ќе истражиме и секој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен, кој сака нека е“,
изјави премиерот.

Од друга страна, социјалдемократите тврдат дека исплатите на ИПАРД не може ниту законски ниту процедурално да ги стопира ни претседател на влада, ни министер ни партија, туку тоа може да го направи само националниот овластен службеник за авторизација (НОА), институција што дејствува во рамките на Министерството за финансии, но работи независно, според европски пропишани правила и стандарди.
„Тоа значи дека НОА не постапува по налог на Владата или на Мицкоски, туку исклучиво по сигнал од Европската комисија или по внатрешна проценка за ризик на системот за контрола на исплатите“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз од каде што додаваат дека премиерот не може да го претстави стопирањето на ИПАРД како сопствена одлука, велејќи дека тоа е санкција од европскиот систем на контрола.
Од СДСМ бараат оставка од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, како и итно објавување на сите документи и извештаи поврзани со ИПАРД-програмата, бројот на корисници на програмата и извештај за ризикот кој е настанат како резултат на корупцијата во платежната агенција.
За случајот со програмата ИПАРД свој став денеска сподели и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, за време на посетата на Ресен.
Посочувајќи на важноста на оваа програма, Сиљановска-Давкова рече дека секоја злоупотреба на овие средства треба строго да се санкционира.

„ИПАРД-фондовите се многу важни. Тоа за нас е еден неверојатно значаен проект. Еве, и денеска со градоначалникот зборувавме за користењето на средствата од ИПАРД, колку е тоа важно. И мислам дека европското однесувањето или однесувањето во рамките на владеењето на правото или однесувањето како добри домаќини кон средства коишто ни се дадени на помош е многу, многу важно. Строго треба да се санкционира злоупотребата. Не е првпат да се соочиме на феноменот на злоупотреба. Тоа не е добро. Значи, одговорност мора да има“,
рече Сиљановска-Давкова.
