Според неа, презентирањето низ политичка призма е проблематично и, како што посочи, можеби во иднина во надлежните органи треба да се дискутираат некои од овие прашања
Извештаите на Европската комисија повеќе треба да бидат техничка слика, бидејќи тие дијагностицираат, класифицираат и евалуираат. Во овие извештаи, државата која се евалуира може технички да напредува, но политички да е блокирана или техничката оценка понекогаш се презентира низ политичка призма, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на работната посета на Општина Ресен, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за последниот извештај за напредокот на земјава, кој Европската комисија го објави минатата недела.

„Секој извештај не говори само за евалуираниот, туку и за креаторот, односно за евалуаторот. Во извештаите што се однесувале на нас и на нашиот годишен напредок има или доминира техничката димензија, но многу често и овојпат е присутна и политичката димензија. Или едноставно кажано, заклучокот би бил дека технички може и да напредувате, ама политички може да сте блокирани. Или техничката оценка понекогаш се презентира низ политичка призма“,
рече претседателката.
Според неа, презентирањето низ политичка призма е проблематично и, како што посочи, можеби во иднина во надлежните органи треба да се дискутираат некои од овие прашања.
„Можеби во иднина при креирањето на извештаите во духот на преговарање, оти преговори не се јас да ви доставам еден извештај и вие само да го коментирате во рамките на телата, како што се парламентот или Националниот совет за евроинтеграции или Комисијата за евроинтеграции, треба да се дискутира за некои од овие прашања или можеби конечната верзија треба да е плод и на дијалогот што ќе се одвива и на забелешките на оној којшто забележува. Во оваа насока, бидејќи претседателот има право на член во Советот за евроинтеграции, номинирав таму моја колешка, врвна познавачка на оваа проблематика. Мислам дека е добро и самата да се појавам таму, за да ја изразам посветеноста на реинтеграцијата или на евроинтеграциското чекорење, но исто така и да презентирам некои мои забелешки“,
рече Сиљановска-Давкова.
Европската комисија во извештајот за напредокот за земјава за 2025 година и во својата Стратегија за проширување минатата недела констатираше дека македонските властите продолжиле да работат на патоказите за владеењето на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата, но напомени дека е важно земјата да напредува и да ги финализира сите подготвителни работи поврзани со критериумите за отворање на кластерот „Основи вредности“, особено во делот на владеење на правото, заштита на судската независност и интегритет и зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Во Извештајот се забележува и дека парламентот не направил обид за усвојување на уставните измени со кои Бугарите и други помали етнички заедници, ќе бидат вметнати во Уставот.
