Шеесет сенатори гласаа за законот, додека 40 беа против. Би-би-си пишува дека речиси сите републиканци им се придружиле на осумте демократи кои се отцепија од партијата за да го одобрат законот. Со мерката американската влада сега ќе се финансира до крајот на јануари

Сенатот на САД го одобри законот за финансирање што би можел за неколку дена да стави крај на најдолгата блокада на владата во историјата.
Шеесет сенатори гласаа за законот, додека 40 беа против. Би-би-си пишува дека речиси сите републиканци им се придружиле на осумте демократи кои се отцепија од партијата за да го одобрат законот. Со мерката американската влада сега ќе се финансира до крајот на јануари.
Претставничкиот дом сега ќе мора да го усвои законот пред претседателот Доналд Трамп да може да го потпише за да стапи на сила. Трамп сигнализираше дека би бил спремен да го стори тоа.
Републиканците имаат тесно мнозинство во Сенатот со 53 од 100-те места во овој дом на Конгресот. Меѓутоа, за поминување на буџетот беа потребни најмалку 60 гласови.
Демократските сенатори со недели наназад одбиваа да го поддржат планот. Меѓутоа, во текот на викендот, неколку демократи го сменија својот став, отворајќи го патот за синоќешното гласање.
Демократските сенатори Дик Дарбин, Џон Фетерман, Кетрин Кортез Масто, Меги Хасан, Тим Кејн, Џеки Розен и Џин Шахин, како што пренесува Би-би-си, се одвоиле од остатокот од партијата за да гласаат за законот за финансирање.
Ним им се придружил и Ангус Кинг од Мејн, независен, кој исто така гласаше за повторно отворање на владата.
Само еден републиканец од Сенатот – Ренд Пол од Кентаки – гласаше против него, а против гласаа и мнозинството демократи.
„Ќе ја отвориме владата повторно, ќе се погрижиме федералните вработени… сега да добијат надомест што го заработиле и заслужуваат“,
изјави сенаторката Сузан Колинс, републиканка, откако законот беше усвоен.
Блокадата започна на 1 октомври бидејќи републиканците и демократите не успеаја да се договорат за новиот федерален буџет. Без план за трошење одобрен од двата дома на Конгресот, нема прилив на пари во владините агенции.
Многу владини служби се суспендирани од октомври, а околу 1,4 милиони федерални вработени се на неплатен одмор или работат без плата.
Затворањето имаше широки влијанија врз различни услуги, вклучувајќи го воздушниот сообраќај во САД и бенефициите за храна за 41 милион Американци со ниски приходи.
Вчера, повеќе од 2 400 летови низ САД беа откажани, а најмалку 9 000 беа одложени.
