Организацијата Антверпенска коалиција за Палестина секој понеделник одржува протести во Антверпен со барање за преземање мерки за справување со хуманитарната криза во Појасот Газа

Белгиската полиција синоќа се судри со група пропалестински демонстранти на плоштадот Гроте Маркт во центарот на белгискиот град Антверпен, при што уапси неколкумина од нив.
Организацијата Антверпенска коалиција за Палестина секој понеделник одржува протести во Антверпен со барање за преземање мерки за справување со хуманитарната криза во Појасот Газа. Протестите вообичаено се одржуваа на Гроте Маркт, но пред нешто повеќе од десет дена локалните власти на Антверпен забранија собири на плоштадот и на популарната улица „Саукерау“, која поаѓа од него и минува низ стариот дел на градот.
По судирите меѓу полицијата и демонстрантите минатиот понеделник, Коалицијата за Палестина соопшти дека синоќешните протести нема да се одржат на забранетите локации.
Сепак, група од околу 30 демонстранти не ја почитувале одлуката на организаторите и се собрале на улицата „Саукерау“, упатувајќи се кон Гроте Маркт, каде што биле распоредени полициски сили во водени топови и 13 комбиња.
Кога демонстрантите стигнале до Гроте Маркт, полицијата ги повикала да се повлечат и кога тие ги одбиле повиците, полицајците употребиле палки и водени топови за да ги растераат, при што дошло до судирите. Неколкумина поагресивни демонстранти се уапсени, додека останатите се повлекле кон брегот на реката Схелд, каде што се одржувал мирен протест на Коалицијата за Палестина.
