„По осум години работи, по 38 средби, сè уште сме на учебникот за седмо одделение, а материјалот одговара за шесто одделение кај нас, односно во 11 век. Би можел да кажам дека ова е блокада на работата на комисијата, но ќе употребам повнимателен израз, ќе кажам дека е стагнација и застој, а тоа е и целокупната состојба на државата таму. Тоа е наведено и во извештајот од Брисел и е нешто што воопшто не го загрижува државното раководство таму“, изјави во интервјуто за БНТ, претседателот на бугарскиот тим од Заедничката историска комисија
Комисијата за историски прашања е еден вид алиби во моментално комплицираните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија. Ова во интервју во емисијата „Денот започнува“ на бугарската национална телевизија БНТ го изјави професорот Ангел Димитров, претседател на бугарскиот тим и копретседавач со Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.

На новинарското прашање до каде стигнала комисијата во својата работа на историските прашања, Димитров одговори дека процесот е во стагнација и застој, како и дека таква е и целокупната состојба во нашата држава.
„Најкраткиот одговор е до никаде. По осум години работи, по 38 средби, сè уште сме на учебникот за седмо одделение, а материјалот одговара за шесто одделение кај нас, односно во 11 век. Би можел да кажам дека ова е блокада на работа на комисијата, но ќе употребам повнимателен израз, ќе кажам дека е стагнација и застој, а тоа е и целокупната состојба на државата таму. Тоа е наведено и во извештајот од Брисел и е нешто што воопшто не го загрижува државното раководство таму“,
вели Димитров.
Според него, Комисијата е алиби на моментално многу комплицираните односи меѓу двете земји бидејќи нејзината формална активност сугерира дека сè уште постои желба да се работи.
„Морам да нагласам дека ова е единствената комисија што работи, а е создадена според Договорот за пријателство и добрососедство и е единствената форма на неговото спроведување. Но, сега кога нема резултати, можеме да замислиме и каков е односот кон самиот договор“,
кажа тој.
Во интервјуто, тој се осврнува и на изградбата на железничката пруга од Македонија кон Бугарија, нагласувајќи оти се надева дека во РСМ веќе е надминат стравот од поврзување на двете држави и тоа не само поради свеста за сопствениот интерес, туку бидејќи ова е европски проект, а истовремено е од големо значење за НАТО. Сепак, смета дека тој проект нема да се одвива со забрзано темпо.
„Почетокот на нашата работа се совпадна и со потпишувањето на договорот за граничниот тунел, кој ќе ја поврзе железничката линија по Коридорот 8. Мене оваа тема ми е многу блиска бидејќи бев во Скопје во октомври 1994 година, кога беше поставен т.н. прв симболичен темелник. Сè уште зборуваме за десетици, можеби над 20 километри на територијата на РСМ, но всушност се многу повеќе. Тунелот е најмалиот проблем во овој случај, иако звучи симболично. Искрено се надевам дека во РСМ веќе е надминат тој страв од поврзување на двете држави. И тој е надминат не само поради свеста за сопствениот интерес, бидејќи ова е европски проект од големо значење за НАТО. Го споменав овој случај оти тој е мало светло, но да не зборуваме само за него, иако е добро да се знае дека работите нема да се случат брзо“,
рече претседателот на бугарскиот тим на Комисијата.
На новинарската забелешка дали иако е променет составот на комисијата од македонска страна, тоа можеби го променило, па и забавило процесот на кој таа работи, Димитров рече оти не се согласува, додавајќи дека и претходниот состав се фокусирал на Охридската архиепископија, како тема во професионалните дискусии.
„И новиот состав е создаден од новото политичко раководство во државата не промени апсолутно ништо во дејствувањето. Главната работа што ја сакаат нашите колеги е да не се направи ниту минимално навестување дека Охридската архиепископија е продолжение на Бугарската патријаршија, дека постои овој континуитет и историска врска“,
кажа тој.
Димитров смета дека главната причина да се блокира работата на Комисијата е неподготвеноста на македонските колеги, кои, како што вели, во овој случај целосно ја следат политичката линија на државата и доктрината за македонизмот, да не се зборува дека постои заедничка историја.
„Нешто што не само што е вклучено во Договорот за пријателство и добрососедство, како идеја за создавање на оваа комисија, туку е и вградено во Преамбулата, како значење на самиот договор. Гледате, се јавува неверојатен парадокс“,
рече професорот Димитров.
Смета дека заедничката комисија треба да има онлајн состаноци за решавање на протоколите, а најави дека следниот состанок очекува да се случи во првата половина од декември во Софија.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.
Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски личности – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.
