Според пратениците, договорот треба да овозможи продолжување на исплатите на социјална помош за 42 милиони Американци, мерка што беше прекината поради блокадата на буџетот, потоа враќање на работа на илјадници владини службеници и исплата на плати, како и гласање за продолжување на програмата за здравствено осигурување, што истекува на крајот од оваа година
Американските сенатори постигнаа привремен договор со кој се става крај на буџетската блокада на дел од јавните услуги во времетраење од рекордни 40 дена, пренесуваат Си-ен-ен и Фокс њуз.

Републиканците и демократите во Сенатот постигнаа договор за финансирање на владата до јануари следната година.
Мерката веднаш беше ставена на гласање, со поддршка од доволен број демократи, а потоа текстот ќе биде доставен до Претставничкиот дом. Доколку Претставничкиот дом ја прифати, предлогот ќе биде испратен до американскиот претседател Доналд Трамп за негов потпис.
Овој чекор напред води кон нормализација на ситуацијата, со оглед на тоа што функционирањето на воздушниот транспорт и исплатите на социјална помош сега се нарушени, а стотици илјади вработени се во технички штрајк или работат без плата од 1 октомври.
Според пратениците, договорот треба да овозможи продолжување на исплатите на социјална помош за 42 милиони Американци, мерка што беше прекината поради блокадата на буџетот, потоа враќање на работа на илјадници владини службеници и исплата на плати, како и гласање за продолжување на програмата за здравствено осигурување, што истекува на крајот од оваа година.
Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, рече оти жали што здравствената заштита е тема на гласање, а не директно на усвојување.
Инаку, блокирањето на буџетот влијаеше на контролата на воздушниот сообраќај, па така во САД вчера се откажани повеќе од 2 700 летови, а 10 000 се одложени.
Министерот за транспорт Шон Дафи вчера предупреди дека продолжувањето на блокадата на буџетот може да ги влоши работите со приближување на празникот – Ден на благодарноста, оти тогаш сите патуваат да ги посетат семејствата.
Враќањето во нормала на воздушниот сообраќај може да потрае и неколку дена по деблокирањето, сѐ додека не се нормализира федералното финансирање, што ја вклучува исплатата на платите.
