Министерката порача дека проблемот со учебниците е системски решен, а одговорноста за недоволен број лежи исклучиво во директорите на училиштата

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска упати порака до директорите на училиштата во врска со недостигот на учебници, нагласувајќи дека тие се должни да ги почитуваат законите и навреме да ги нарачаат потребните материјали.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерката порача дека проблемот со учебниците е системски решен, а одговорноста за недоволен број лежи исклучиво во директорите на училиштата.
„Директорите на училиштата треба многу сериозно да си ја сфатат работата дека се должни да ги почитуваат законите и да си ги нарачаат учебниците. Оваа година ‘прогледав низ прсти’, следната година нема да прогледуваме низ прсти затоа што има систем“,
изјави Јаневска.
Таа појасни дека Министерството обезбедило средства, нови наставни програми и печатење на нови учебници, а сега недостасува само „добрата поврзаност меѓу институциите и нивна функционалност“.
Министерката рече дека и училиштата и директорите се дел од системот, и додаде дека како што Министерството, Бирото, ДИЦ и сите други институции сериозно си ја сфаќаат работата, така ќе требада се однесуваат и менаџерите на училиштата.
„Ако тие тоа не го направат, јас немам можност да им обезбедам дополнителна учебници. Затоа, отсега натаму ако нема учебници, обраќајте се на директорите, не на министерството“,
рече Јаневска.
На новинарско прашање дека наставници добиваат договори на дело, па се уценувани од политички партии за учество во изборни кампањи пред да добијат решение за вработување на неопределено време, министерката не се согласи и рече дека не е исто како порано.
„Да, свесна сум дека се случувале такви нешта. Апсолутно сум против тоа, апсолутно нема оправдување. Во образованието треба да влезат најквалитетните наставници. Тие коишто се мотивирани да работат со деца затоа што тоа и не е лесна работа. Законот и не е така лош доколку не би се злоупотребувал. Ќе следува и нов закон за наставници“,
истакна Јаневска.
Министерката посочи дека во рамки на реформите, се повеќе се работи на оптимизација на училишната мрежа. Како резултат, бројот на училишта кои работат во една смена е зголемен од 150 на 200.
Таа ги повика директорите да се организираат и да ги искористат проекциите на Владата за да ги заштитат наставниците преку дополнителна настава, клубови и изборни предмети, наместо да се намалува бројот на вработени.
„Тоа исто така во Македонија ќе мора да се спроведе ако сакаме подобар квалитет и ако сме чесни сами кон себе, сите треба да сме свесни за тоа што мора. Некаде нешто можеби и не мора, но ова мора да се направи. За да постигнеме успех, затоа што си ги застапуваме децата, а кога ги ускратуваме децата си ја осакатуваат државата“,
додаде Јаневска.
