Таа додаде дека во СДСМ постојат чесни и трудољубиви активисти, но тие не можат да дојдат до израз поради, како што ги нарече, „политиките што ги водат Филипче и неговиот ментор Заев“

Без оставка на Филипче, СДС нема иднина, вели Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ. Таа на денешната прес-конференција рече дека партијата се наоѓа во длабока политичка криза, а оставката на нејзиниот лидер, Венко Филипче, е неопходна за опстанок.
Според Андоновска, најавените структурни реформи со кои раководството на СДСМ сугерираше нов почеток, никаде ги нема, додека партијата бележи историски ниски резултати.
„Филипче ја доведе СДС до степен на трета партија во државата и петта на ниво на Градот Скопје. Јасно е дека со ваквото однесување СДС навлегува во сè подлабока политичка криза. Безидејноста и дезориентираноста кај СДС е очигледна“,
рече Андоновска.
Андоновска истакна дека крајно време е СДСМ да се реформира, и дека „оставката на Филипче е неизбежна доколку партијата сака и понатаму политички да егзистира“.
Таа додаде дека во СДСМ постојат чесни и трудољубиви активисти, но тие не можат да дојдат до израз поради, како што ги нарече, „политиките што ги водат Филипче и неговиот ментор Заев“.
Андоновска апелираше дека македонскиот политички систем има потреба од опозиција со интегритет и визија.
„Затоа СДС мора конечно да се ослободи од прангите на Филипче и Заев“,
додаде Андоновска.
ВМРО-ДПМНЕ и по првиот и по вториот круг од локалните избори речиси секојдневно објавува соопштенија во кои велат дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, треба итно да си поднесе оставка.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, пред три дена не сакаше да одговори на новинарско прашање дали смета дека е потребна промена на лидерската позиција во опозицискиот СДСМ, наведувајќи дека тоа е внатрешна работа на политичките партии.
