Само во Центарот за катастар на недвижности Скопје во вториот квартал се впишани 1 522 хипотеки во вредност од речиси 290 милиони евра, додека во 29-те одделенија на катастарот низ државата се регистрирани 1 354 товари

Во периодот април-јуни годинава се запишани 2 876 хипотеки врз недвижностите со вкупна вредност од 551 537 664 евра и 8 319 220 917 денари, покажува најновиот извештај за работата на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) за вториот квартал.
Овие бројки укажуваат на зголемена побарувачка за станбени и потрошувачки кредити, што се потврдува и со податоците на Народната банка.
Само во Центарот за катастар на недвижности Скопје во вториот квартал се впишани 1 522 хипотеки во вредност од речиси 290 милиони евра, додека во 29-те одделенија на катастарот низ државата се регистрирани 1 354 товари.
Споредено со првиот квартал на 2025 година, зголемувањето е значајно. Во вториот квартал се запишани 280 хипотеки повеќе во однос на првите три месеци, кога биле впишани 2 596 товари со пониска вкупна вредност од 384 969 557 евра.
Статистиката на Агенцијата потврдува дека бројот на хипотеки е во постојан пораст во последните години. Во 2024 година имало 8 748 товари со вкупна вредност од 1 719 милијарди евра, а во 2023 година тие биле 7 844 товари со вредност од 1 572 милијарди евра.
Покрај хипотеките, забележан е раст и во продажбата на недвижности. Во базата на Регистарот на цени и закупнини во третиот квартал годинава се внесени 6 135 купопродажби на недвижности, што е за 580 повеќе во однос на претходниот квартал, кога биле регистрирани 5 388 трансакции.
Според последните податоци на Народната банка, во септември годинава, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, на месечна основа се зголемени за 0,9 проценти и 1,6 проценти, соодветно, при годишен раст од 10,2 проценти и 16,1 процент соодветно.
