Од АХВ информираат дека во текот на изминатата недела биле спроведени засилени вонредни контроли и кај други оператори со храна – вклучувајќи месарници, ресторани, сендвичарници и маркети

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминатата недела спровеле вонредна контрола при која се запленети и нештетно уништени приближно 37 тони храна.
Како што соопшти Агенцијата денеска, станува збор за огромна количина на јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини, кои биле без соодветни декларации, а на дел од нив рокот на употреба им бил истечен од една до две години.
За овој сторен прекршок на операторот со храна му е изречена мерка привремена забрана за работа и парична казна, како и наредба за итно отстранување на сите утврдени недоследности.

Од АХВ информираат дека во текот на изминатата недела биле спроведени засилени вонредни контроли и кај други оператори со храна – вклучувајќи месарници, ресторани, сендвичарници и маркети.
Биле утврдени повеќе недоследности, како што се нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителни обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет на небезбедна храна.
Поради тоа операторите и нивните одговорни лица се казнети парично и им се изречени дополнителни привремени забрани за вршење дејност.
„Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затекнатата небезбедна храна беше нештетно уништена“,
наведува АХВ во соопштението.
Пред три дена Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, запленија вкупно 1 641 килограм небезбедна храна од возило на подрачјето на Чучер-Сандево. Во возилото биле пронајдени 1 060 килограми кршени ореви, во рефус-состојба, и 581 килограм кикирики во зачинета обвивка, исто така рефус, како и 900 килограми индиски ореви со декларација.
