Средствата што се распоредени се донирани од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство

Околу 11 милиони денари се распоредени од заедничката сметка за донации од граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“.
Од граѓанската иницијатива велат дека од вкупната сума од 10 944 793 денари еден милион се за данок на државата, а преостанатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71 900 денари.
Средствата што се распоредени се донирани од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.
„Транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку ‘Сапорт Кочани’, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“,
се вели во објавата на „Сапорт Кочани“ на фејсбук-профилот.
Иницијативата „Сапорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во „Пулс“, а во неа се вклучени 30-ина волонтери, меѓу нив и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март. Во пожарот загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.
Од иницијативата изминатата година реализираа и три пратки компресивна облека наменета за преживеаните лица. Облеката, како што велат од иницијативата, е со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.
