За законот гласаа 53 сенатори, додека 43 беа против, што е под потребните 60 гласа за негово усвојување
Американскиот Сенат го одби предлог-законот со кој требаше да се продолжи исплатата на платите за стотиците илјади федерални службеници погодени од најдолгото „владино затворање“ во историјата на САД. Причината за одбивањето е повторниот неуспех на демократите и републиканците да постигнат договор за отворање на владата.

За законот гласаа 53 сенатори, додека 43 беа против, што е под потребните 60 гласа за негово усвојување. Повеќето демократи се спротивставија на предлогот, тврдејќи дека тој би му овозможил на претседателот Доналд Трамп преголеми дискрециони овластувања околу тоа кога и кому ќе се исплаќаат платите. Синдикатите на федералните работници реагираа остро и побараа од Конгресот итно да ја одобри мерката, предупредувајќи дека долготрајниот прекин на работата, кој трае уште од први октомври, предизвикува сериозни финансиски тешкотии кај илјадници семејства.
Во моментов, околу 750 000 вработени се испратени на принуден одмор, а голем број од нив продолжуваат да работат без плата. Социјалните програми, меѓу кои и образовната иницијатива „Head Start“, се блокирани веќе 39 дена.
Демократите инсистираат законот за финансирање на владата да ги опфати и здравствените субвенции за 24 милиони Американци, додека републиканците бараат најпрво да се изгласа буџетот, па потоа да се разговара за дополнителните мерки. Иако двете партии предложија свои компромисни решенија, ниту едно од нив засега нема доволна поддршка за да биде усвоено, што значи дека федералната блокада продолжува без најава за брзо решение.
