Со средбата која помина во позитивна атмосфера овде во Атина, градоначалниците на Атина и на Скопје, се обидоа да придонесат за дополнително релаксирање на односите меѓу двете земји во период на сериозни обиди за затворање на прашањето за името. Јоргос Каминис и Петре Шилегов рекоа дека не зборувале за спорот за името, но најавија потпишување Меморандум за соработката меѓу двата главни града.
„Зборувавме и за улогата што граѓаните ја имаат во нашите општества и потребата од континуирана комуникација со локалните власти. Важен е и периодот кога се случуваат сите овие работи. Интензивирањето на преговорите меѓу двете земји и динамиката во последните неколку недели креираа оптимистички чувства дека разликите што ги разделуваат двете држави ќе бидат решени“, рече Јоргос Каминис, градоначалник на Атина.
„Овој состанок беше и за да се испрати порака до владите да го продолжат процесот за решавање на проблемот, за граѓаните на Атина и Скопје да имаат нормална меѓусебна комуникација. Имајќи во предвид дека нашите граѓани се соочуваат со исти предизвици во секојдневното живеење, размената на искуствата и продлабочување на соработка ќе придонесат заеднички да учествуваме во изнаоѓање решенија за современите потреби на граѓаните на двата града“, рече Петре Шилегов – градоначалник на Град Скопје.
Грчките новинари не ја пропуштија шансата да го прашаат првиот човек на Скопје што планира да прави со спомениците во центарот на градот, за дел од кои во Грција има чувство дека се провокација.
Градоначалнику, би сакал да ве прашам дали верувате дека Уставот на вашата земја би требал да се промени и што мислите за спомениците кои во минатото беа поставени во вашиот главен град?
„Двете влади се среде процес на преговори и давањето јавни изјави за преговорите нема да му помогнат на процесот. Ниту јас, ниту градоначалникот на Атина не сме инволвирани во процесот и немаме детали. Тоа е мојот коментар. Имаме проблем во центарот на Скопје со спомениците. Формиравме неколку комисии зашто има различни надлежности меѓу одделни општини и Министерството за култура за решавање на овој проблем, што значи процесот е во тек“, одговори Шилегов.
По прес-конференцијата прашав некои од грчките колеги за интензивираната комуникација меѓу двете земји на повеќе нивоа, како и за атмосферата во Грција по националистичкиот протест кој пред неколку дена се одржа овде во Атина.
„Ова е важно прашање за двете земји. Како и за сите значајни прашања помалку или повеќе луѓето се поделени. Претпоставувам дека е исто и во вашата земја. Има луѓе кои сакаат решение, велат дека проблемот се влече многу години и дека тоа е прашање кое мора да се реши. Така вели еден дел од граѓаните. Друг дел од граѓаните мисли дека не, прашањето не треба да се реши зашто не е во наш интерес. Мислам дека политичарите треба да ги земат во предвид сите мислења“, рече Феј Дулгери – дописник од Грција за Еуроњуз.
„Двете држави, ПЈРМ и Грција имаат ист интерес во регионот. Минатото ги раздалечи двете земји, но целта е да се гледа кон иднината. Грција е присутна во ПЈРМ преку економијата и уште многу други работи двете држава можат и треба да ги зајакнат преку соработка“, вели Нефели Џанетаки од државната ERT.
Домаќинот на Шилегов, градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, го привршува вториот мандат на чело на грчката престолнина. Политички припаѓа на новоформираното „Движење за промени“, кое има 26 пратеници во грчкиот парламент и се смета за потенцијална база за поддршка на евентуалниот компромис за името.
За 360 степени од Атина, Славица Филиповска.
Напишете коментар