8 јули бил спомнат како можен датум за избори во разговорите меѓу партиите, откри лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
Кога разговарале со Христијан Мицкоски, рече Заев, ги спомнале нивните позиции. Заев го кажал 1 јули, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ 15 јули, па средината била најдена на 8.
„Кажи-речи беше договорено да биде 8 јули“, рече Заев, додавајќи дека потоа опозицијата се предомислила.
Но, сепак, рече тој, може да се договорат за овој датум ако има расположение кај Мицкоски.
„Тогаш јас ќе излезам пред граѓаните и ќе кажам Владата да побара уште само три дена вонредна состојба за да го имаме 8 јули како датум за избори“,
рече Заев.
8 јули е среда, а не недела – ден во кој се одржуваат изборите. Ако овој датум биде изборен ден, тогаш, како што кажа Заев, би се прогласил за неработен. Тој ги спомена опциите кои биле разгледувани, па рече дека една од варијантите е изборниот молк да почне од недела, а во понеделник и вторник, поради ситуацијата со коронавирусот, да гласаат хронично болните.
Меѓутоа, владејачката партија сама нема да „чепка“ и да го менува Изборниот законик за гласање во среда, доколку за тоа не се договори со опозицијата.
Ако не падне договорот, тогаш рече Заев, останува актуелната состојба и според Уставот и законите, избори треба да има на 5 јули односно 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.
За ваква варијанта на последната прес-конференција зборуваше и претседателот Стево Пендаровски кој рече дека се разгледувало избори да има во работен ден.
„Според одредени нивни искажувања, во таа нивна комуникациска размена на мислења се спомнува и неработен ден како можност за гласање, не само недела како што е досега, бидејќи тоа е возможно со промена на закон или со уредба со законска сила. Може да се гласа и во среда, да речеме“,
рече Пендаровски на прес-конференција на 30 мај кога зборуваше за комуникацијата меѓу партиите.