Велика Британија во соопштение на официјалната веб-страница на владата соопшти дека ги укинала и санкциите врз сирискиот министер за внатрешни работи Анас Хатаб. И двајцата претходно биле предмет на финансиски санкции насочени кон „Исламска држава“ и „Ал Каеда“
Велика Британија ги укина санкциите врз сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, еден ден откако Советот за безбедност на Обединетите нации го стори истото, пред неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп следната недела, додека Европската Унија потврди дека ќе го стори истото.

Велика Британија во соопштение на официјална веб-страница на владата соопшти дека ги укинала и санкциите врз сирискиот министер за внатрешни работи Анас Хатаб. И двајцата претходно биле предмет на финансиски санкции насочени кон „Исламска држава“ и „Ал Каеда“.
Портпарол на Европската Унија денеска изјави дека одлуката на ОН ќе се одрази и врз мерките на ЕУ.
Велика Британија укина дел од санкциите врз Сирија во април, додека ЕУ ги укина своите економски санкции во мај, но ограничувањата за оружје и безбедност остануваат во сила.
Шара, порано познат како Абу Мохамед ал-Џулани, стана претседател на Сирија во јануари откако бунтовничките сили предводени од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) го соборија Башар ал-Асад во молскавична офанзива.
Шара, поранешен висок функционер во ХТС и претходно поврзан со „Ал Каеда“, беше под санкции на ОН и Велика Британија од 2014 година, вклучувајќи забрана за патување, замрзнување на средства и ембарго за оружје.
Советот за безбедност на ОН ги укина тие мерки вчера, наведувајќи го недостатокот на активни врски меѓу ХТС и „Ал Каеда“. Овој потег доаѓа пред планираната средба на Шара со Трамп во Белата куќа за три дена.
