Министерката истакна дека одлуката за сите кадровски промени ја носат премиерот заедно со партиските органи

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска вели дека е целосно подготвена да ја прифати секоја одлука на премиерот Христијан Мицкоски, дури и ако биде разрешена или преместена од нејзиниот ресор во евентуална реконструкција на Владата.
Министерката истакна дека одлуката за сите кадровски промени ја носат премиерот заедно со партиските органи.
„На ова прашање веќе неколку пати сум одговарала и ќе повторам. Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија“,
рече Јаневска пред отворањето на конференцијата „Науката како патоказ во време на промени“.
Таа додаде дека е полно негово право да одлучува за предлозите за министри пред Собранието.
„Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“,
рече Јаневска.
Инаку, денеска премиерот Христијан Мицкоски рече дека коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ е комотна и дека реконструкција на Владата засега ќе нема. Тој рече дека испразнетите ресори со кои раководеше вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити ќе бидат пополнети, за што последниот збор ќе го даде тој како мандатар.
Во однос на прашањето за реконструкција на Владата, тој посочи дека се фокусирани на редовниот партиски конгрес, и дека додека трае сето тоа размислува за одредени кадровски поместувања во рамките на владата.
„Јас сум подготвен со секој да разговарам. Апсолутно, тука нема никаква дилема во рамките на коалицијата. Но се разбира, мандатар сум јас. Така што, нормално е дека последниот збор, како мандатар на Владата, ќе го имам јас“,
рече Мицкоски.
Тој вели дека не треба да им се верува на шпекулациите за смена на одредени министри и очекува наскоро за испразнетите кадровски места да добие имиња.
