Премиерот ги презентираше и владините очекувања за инфлацијата на годишно ниво за наредниот период. Во 2026 година очекувањата се за натамошно намалување на стапката, која би се движела меѓу 2 и 3 проценти

Проекциите на Владата за инфлацијата оваа година се меѓу 3,5 и четири проценти, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во однос на предвидувањата на Народната банка, која проектира инфлација од 3,9 проценти за 2025 година, премиерот истакна дека очекува поголем скок на инфлацијата овој октомври во споредба со истиот месец минатата година.
Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, го објасни овој пораст поради ниската основа од минатата година.
„Очекуваме инфлацијата овој месец да биде нешто поголема бидејќи таа беше многу ниска минатиот октомври, поради мерките што тогаш ги презедовме. Значи базата е ниска, но во рамките на 4, односно 4,5 проценти“,
рече Мицкоски.
Премиерот ги презентираше и владините очекувања за инфлацијата на годишно ниво за наредниот период. Во 2026 година очекувањата се за натамошно намалување на стапката, која би се движела меѓу 2 и 3 проценти.
„На тој начин планираме да ги поставиме нашите проекции“,
додаде Мицкоски.
Од Народната банка вчера соопштија дека за 2025 година се очекува раст на економијата од 3,5 отсто, а просечната стапка на инфлација да изнесува 3,9 проценти.
