Настрана од уставните измени, премиерот вели дека е исклучително задоволен од забелешките во Извештајот бидејќи, како што вели, земјата не оди назад. Не се согласува дека други земји од регионот се пред Македонија. Според него, земјава е многу понапред од Албанија во осум области иако дел од еврокомесарите даваат такви изјави
Ако ги направиме уставните измени ќе бидеме најдобри. Тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони, фронтранери, па потоа ќе добиеме ново вето и нови проблеми. Ова беше дел од коментарот што премиерот Хрисијан Мицкоски го даде во врска со Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава за 2025 година во кој се нотира дека С Македонија не направила обид за усвојување на уставните измени.

Настрана од уставните измени, Мицкоски вели дека е исклучително задоволен од забелешките во Извештајот бидејќи, како што вели, земјата не назадува.
„Има стагнација во неколку области, знаеме сите кои, тоа е владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата. Нонстоп зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет и во обвинителството. Сега по завршувањето на изборите многу посериозно ќе се занимаваме со таа тема. Во сите други области има одреден мал напредок или значителен напредок, така што Извештајот генерално можам да го оценам како добар“,
вели Мицкоски.
Премиерот не се согласува дека други земји од регионот се пред Македонија. Според него, земјава е многу понапред од Албанија во осум области иако, како што вели, дел од еврокомесарите даваат такви изјави.
„Кога ќе се анализира состојбата и подготвеноста на државите – објективната оценка е дека Црна Гора е прва, второ место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово. Но, треба да работиме и ќе работиме. Јас апсолутно сум фокусиран на реформите, оваа влада е реформска и ме охрабруваат пораките за реформите во делот на економијата, борбата против перењето пари, воведувањето заеднички платежен систем, царина, роаминг фри. Тоа ќе биде имплементирано така што има многу работи кои треба да се пофалат и тоа ме охрабрува“,
додаде премиерот одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Петровец.
Во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2025 година што пред два дена го објави Европската комисија, се нотира дека земјата треба да ги спроведе основните реформи поврзани со Европската Унија, како и усвојување на релевантните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година.
