Од СДСМ велат дека ЕК дала јасни, детални и објективни оценки, кои ја отсликуваат најлошата слика за Македонија во последните десет години

Извештајот на Европската комисија е најреалниот доказ за неспособноста на владата на Христијан Мицкоски, сметаат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Според партијата, „робусното извештајче“ на ЕК испратило јасен сигнал дека актуелната власт е неспособна и антиевропска, доведувајќи ја земјата во, како што велат, целосна институционална парализа.
Од СДСМ велат дека ЕК дала јасни, детални и објективни оценки, кои ја отсликуваат најлошата слика за Македонија во последните десет години.
Според СДСМ, најдрастично е назадувањето во областа на владеењето на правото и правдата, при што е добиена оценка „единица“ во Поглавјето 24, што е најлоша досега.
Судството, велат од партијата, е ставено под политички притисоци, а антикорупциските механизми не функционираат.
„Реформите се во застој, а јавната администрација е нефункционална, а 60 отсто од законите се носат набрзина, без дебата и без транспарентност“,
наведуваат од СДСМ во денешното соопштение.
Од партијата посочуваат на стагнација и слабости во економијата и земјоделството, вклучувајќи проблеми со јавните инвестиции и доцнење во повратот на ДДВ.
Според нив, резултатите се поразителни и во образованието и младинските политики, а државата бележи пад под просекот на Европската Унија.
„Владата нема волја, ниту капацитет да ја сработи работата што е во интерес на граѓаните и на државата. Дека реформите не се приоритет за власта покажува фактот што нема пари, ниту предвиден буџет за спроведување на Планот за раст“,
нагласуваат од СДСМ.
СДСМ преку соопштението ја повика ВМРО-ДПМНЕ да одговори на прашањето зошто државата назадува во секоја област?
Вчера и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го оцени Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во 2025 година како најлошиот што земјата го добила во изминатите десетина години.
Во извештајот на ЕК за напредокот на земјава кој беше објавен вчера, меѓу другото, се нотира дека не се направени обиди за усвојување на уставните измени наведени во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година за вклучување други заедници, како бугарската, во Уставот. Во оваа насока се додава дека парламентот на С Македонија треба да ги забрза потребните реформи за процесот на интеграција во ЕУ.
