Еден од сведоците што додадоа искази на денешното рочиште, рече дека морале да дадат мито од 500 евра за да ја добијат секоја доза од терапијата. Сведокот појасни дека откако ќе влезеле во кабинетот на Васев „се почестувале за кафе“, како што бил договорот и потоа тој го давал лекот на медицинска сестра за аплицирање
Со сослушување сведоци предложени од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд Скопје, продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, кој заедно со уште двајца доктори онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.

За потсетување, случајот „Онкологија“, кој предизвика бурни реакции во јавноста, Обвинителството го подели во две обвиненија, од кои според едното („Онкологија 1“), за кое денеска се одржа рочиште, на Васев и на уште двајца лекари онколози им се суди за несовесно лекување пациенти“ додека во другиот предмет, тој и поранешниот организациски директор на Клиниката, Нехат Нухи се гонат за продолжени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и проневера во службата. Судењето за овој предмет во јавноста е познат како „Онкологија 2“.
На денешното рочиште за „Онкологија 1“ во Кривичен беа сослушани повеќе оштетени сведоци и законски застапници на починати пациенти, кои одговараа на прашања за лекувањето и конкретната терапија што нивните блиски ја примале на Клиниката за онкологија, пренесе МИА.
Дел од нив пред Судот рекоа дека давале мито за да можат нивните блиски да ја добијат целата терапија.
Инаку, шестмина од сведоците рекоа дека ќе бараат оштетно побарување и се приклучија на кривичниот прогон, освен еден кој ќе бара отштета, но не се приклучи на кривичниот прогонот.
Еден од денеска сослушаните сведоци, пак, не најави отштетно побарување, ниту приклучување на кривичниот прогон на обвинетите.
Сведоците првин одговараа на директни прашања на обвинителката на Основното јавно обвинителство Скопје, Ана Гоговска-Јакимовска која ја водеше истрагата и го застапува обвинението.
На нејзино прашање дали имале проблем со обезбедувањето на терапиијата, еден од сведоците одговори потврдно и кажа дека од тие причини оделе во Турција, но поради големиот финансиски товар, отишле на Клиниката за онкологија каде, како што кажа, морале да дадат мито од 500 евра за да ја добијат секоја доза од терапијата.
Лекот, како што објасни сведокот, го добивале во фрижидер во канцеларијата на Васев, кој потоа и бил даван на медицинска сестра која го аплицирала.
Во врска со ваквите тврдења, тој рече дека нема документи, но верува оти податоците ги има во досиејата на Клиниката.
„Немам документи, немам докази зошто не мислев дека ќе ми требаат. Ги исфрлив, но верувам ги има во досиејата“,
рече сведокот.
На вкрстено прашање од одбраната на Васев, дали го пријавиле таквото однесување, сведокот одговори одречно, бидејќи, како што кажа, не знаела каде да пријави.
Прашан дополнително дали парите биле давани пред медицинската сестра, сведокот одговори дека тоа не било случај. Притоа појасни дека откако ќе влезеле во кабинетот на Васев „се почестувале за кафе“, како што бил договорот и потоа тој го давал лекот на медицинска сестра.
Друго сведок, пред Судот кажа дека нејзината мајка, пред да почине, била лекувана на Клиниката за онкологија со терапија за канцер на белите дробови, иако и бил дијагностициран рак на бубрезите. Терапијата и лекувањето, како што кажа сведокот, ѝ биле сомнителни и на нејзината мајка, кај која немало никакво подобрување од терапијата пред да почине.
Бранителот на обвинетата докторка онколог Симонида Црвенкова, адвокатот Владимир Туфегчиќ пред Судот вложи приговор на исказот на овој сведок, бидејќи, како што кажа, смета дека тој е конструиран во контекст на поднесеното обвинение, а од доказите и фактите јасно се гледа кај пациентот е констатиран галопирачки карцином, што зафатил поголем дел од стомакот.

На денешното рочиште за лекувањето на нејзината мајка кај онкологот Симонида Црвенкова, исказ даде уште еден сведок. Рече дека парите што ги давала не ѝ биле барани, туку, како што кажа, ги давал од срце и душа, затоа што спасот го гледала во докторката. Сведокот додаде дека немала намера да пререче за ништо што дала некому, но била изреволтирана од тоа што го дознала.
На нејзиниот исказ реагираше обвинетата Црвенкова, која рече дека никогаш ниту побарала, ниту добила пари за нејзината работа.
„Целиот мој живот сум го посветила на себеобразување и на доброто на пациентите и никогаш во животот ниту сум побарала, ниту сум добила средства. Тоа е многу тешко обвинение за мене. Мене ми е многу жал, јас работам 30 години во оваа болест и јас знам што значи“,
изјави Црвенкова.
Одбраната на Васев, односно адвокат Дељо Кадиев, изнесе забелешка дека од страна на Јавното обвинителство биле дадени записници од изјави на испитани сведоци, но само од лицата кои се предложени како сведоци, но не и од лицата предложени како законски застапници на оштетени.
Според него, со тоа одбраната се става во нерамноправна положба, односно се нарушува принципот на еднаквост на оружјата.
„Што ова значи ова. Сметам дека одбраната се става во нееднаква положба, бидејќи е очигледно дека Јавното обвинителство точно знае кои прашања да ги поставува за кои одбраната не може да подготви одбрана и прашања“,
изјави Кадиев.
Случајот „Онкологија 1“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката започна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина, по што Судот ја осуди на две години условна казна затвор, доколку во наредните пет години не стори друго кривично дело.
Од друга страна, Васев и двајца обвинети онколози, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски на почетокот на судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар.
Инаку, тие се обвинети за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, поради што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
