Претставници на локалните власти изјавија дека поголем дел од луѓето претрпеле многу сериозни повреди во инцидентот и дека бројот на жртви може да се зголеми
Најмалку седум лица загинаа, а 11 се повредени откако товарен авион се урна во американската сојузна држава Кентаки, јавуваат светските медиуми.

Авионот на компaнијата за достава „Ју-пи-ес“ (UPS) се урнал во близина на меѓународниот аеродром „Мухамед Али“ во Луисвил, кратко по полетувањето, пренесе Би-би-си.
Засега останува нејасно дали во вкупниот биланс на жртви се вклучени и тројцата членови на екипажот кои биле авионот.
Останатите 11 лица се повредени откако при уривањето авионот предизвикал силна експлозија која, како што може да се види од снимките, зафатила голема површина во близина на аеродромот, исфрлајќи густи облаци црн чад кон небото.
Несреќата, како што соопшти гувернерот на американската сојузна држава Кентаки, Енди Бешир, се случила вчера во 17:14 по источноамериканско време (23:14 часот според средноевропско време). Според него, авионот на „Ју-пи-ес“ летал за Хонолулу, во американската сојузна држава Хаваи.
„Националниот одбор за безбедност на сообраќајот ќе биде задолжен за истрагата. Можам да потврдам дека на авионот немало опасен товар што би создал еколошки проблем“,
изјави Бешир.
Претставници на локалните власти изјавија дека поголем дел од луѓето претрпеле многу сериозни повреди во инцидентот и дека бројот на жртви може да се зголеми.
Двајца работници во фирма за трговија со автомобили, која била зафатена од експлозијата на авионот, сè уште се водат како исчезнати, а засега не е познато ниту колку клиенти имало во нејзините простории кога се случила несреќата.
Инаку, од „Ју-пи-ес“ соопштија дека тројцата членови на екипажот биле во авионот, но додаваат дека досега не потврдиле повредени или жртви.
Во тек е прелиминарна истрага за инцидентот, а според официјални претставници сè уште е прерано да се каже што ја предизвикало несреќата.
Според првичните сознанија на истрагата, пожарот што го предизвикал авионот се должел на големото количество гориво што било во него, поради долгото патување до Хаваи од околу 6 920 километри.
Имено, според информациите, авионот носел 144 000 литри гориво.
Засега непотврдено останува и каков товар носел авионот, иако официјални лица изјавија дека во него немало ништо што би можеле да го зголеми ризикот од контаминација на околината.
Инаку, експлозијата зафатила најмалку две блиски фирми, од кои едната за рециклирање нафта. Надлежните служби првично издале наредба за евакуација на луѓето во радиус од 8 километри од аеродромот поради загриженост од дополнителни експлозии и загадување на воздухот, кое подоцна била намалена на само еден и пол километар.
Шефот на полицијата во метрополитенската област Луисвил, Пол Хамфри, изјави дека местото на несреќата ќе биде „активна сцена во следните неколку дена“.
„Не знаеме колку време ќе биде потребно за да се обезбеди местото и да се спроведе истрагата“,
додаде тој.

Што се однесува до моделот на авионот што се урна, станува збор за летало со три мотори МД-11Ф (MD-11F), кој првпат влегол во употреба пред 34 години како патнички авион на тајландскиот авиопревозник „Таи eрвејс“ (Thai Airways). Од 2006 година овој модел како карго-авион го користи компанијата „Ју-пи-ес“.
Авионот првично е произведен од „МекДонел Даглас“, кој се спои со „Боинг“ во 1997 година.
Во 2023 година, „Федекс“ (FedEx) и „Ју-пи-ес“ објавија планови дека ќе започнат со повлекување на авионите од типот МД-11 во текот на следната деценија, како дел од плановите за модернизација на нивните флоти.
Инаку, Луисвил е познат како седиште на „Ју-пи-ес ворлдпорт“ (UPS Worldport), глобален центар за операциите на компанијата за достава и нејзин најголем објект за ракување со пакети од целиот свет.
