Во Вирџинија, дом на многу федерални службеници погодени од делумното затворање на владата и масовните федерални отпуштања од страна на Трамп, гласачите ја презедоа контролата врз канцеларијата на гувернерот од републиканците и ја избраа демократката Абигејл Спанбергер, првата жена гувернер во државата
Претседателот на САД Доналд Трамп, на својата социјална мрежа Трут соушл изјави дека поразите на неговата Републиканска партија на изборите се должат на тоа што неговото име не било на гласачкото ливче, како и на парализата на буџетот.

„Тоа што Трамп не беше на гласачкото ливче и затворањето на владата се двете причини зошто републиканците ги загубија вечерашните избори, велат анкетарите“,
напиша американскиот претседател.
Во Вирџинија, дом на многу федерални службеници погодени од делумното затворање на владата и масовните федерални отпуштања од страна на Трамп, гласачите ја презедоа контролата врз канцеларијата на гувернерот од републиканците и ја избраа демократката Абигејл Спанбергер, првата жена гувернер во државата.
Во Њу Џерси, каде што Трамп го поддржа републиканскиот кандидат Џек Чиатарели и одржа неколку онлајн митинзи во негова корист, гласачите избраа да им ја препуштат власта на демократите и го избраа претставникот Мики Шерел.
Њујорк е родниот град на Трамп, но тој останува длабоко непопуларен во ова демократско упориште. Неговите чести изјави и објави на социјалните мрежи во кои предупредува дека најголемиот град во земјата ќе биде во урнатини доколку демократот и демократски социјалист Зохран Мамдани биде избран за градоначалник, можеби донекаде го намалија јазот, но неговата задоцнета поддршка на независниот кандидат и поранешен гувернер Ендру Куомо, кој поднесе оставка пред четири години поради скандал, можеби беше контрапродуктивна, наведуваат американските медиуми.
