За четворицата осомничени е предложена мерка притвор поради опасност од бегство и можност да го повторуваат делото
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе истрага за две жени и двајца мажи, кои, дејствувајќи во група и со употреба на сила одзеле 200 илјади денари од едно лице. Четворицата се осомничени за кривично дело – разбојништво.

Во описот за случајот што се случил на 30 октомври годинава, од Обвинителството информираат дека оштетениот со една од осомничените жени отишле во мотел во Скопје, по што таа му предложила да повика уште една девојка.
„Откако тој се согласил, осомничената ја повикала другата жена, па заедно го убедиле да одат на друго место, односно во ‘поубав и поевтин хотел’. Излегувајќи во собата, во темниот двор на мотелот, го пречекале двајца мажи, што биле во претходен договор со жените и заедно му се нафрлиле на оштетениот. Го удирале со боксови по главата и телото додека не паднал за земјата. Од џебовите му ги одзеле парите, мобилниот телефон и личната карта“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
За четворицата осомничени е предложена мерка притвор поради опасност од бегство и можност да го повторат делото.
Една од осомничените жени, откако го извршила делото, е во бегство. За неа притворот ќе започне да се применува по нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода.
