Според него, се ангажираат странски експерти од Словенија, Австрија и Италија бидејќи ова прашање се подигнало на повисоко ниво, а не оти немаат верба во домашните доктори
По повеќе од два месеци сè уште нема епилог во врска со наводите за непотребно извршени интервенции за срце во приватни здравствени установи, кои ги испитува интерната комисија во Министерството за здравство.

Во интерната комисија формирана по наводите е најавено дека ќе бидат вклучени и странски доктори, експерти, но не се прецизира кога тие ќе пристигнат во земјава.
Министерот за здравство Азир Алиу денеска, на прес-конференција на Клиниката за кардиологија, рече дека досега се пристигнати околу 25 претставки, а останува да се разгледаат уште седум или осум.
Кога ќе завршат со разгледување, најави дека ќе излезат на прес-конференција.
„Уште седум наоди треба да се анализираат. Знаете дека тие процеси бараат време. Прво, тие експерти се и така во мал број во нашата земја. Освен оваа работа, тие дневно имаат активности во амбуланта и операционите сали. Затоа, оваа динамика на работа не зависи од нас како Министерство, туку од целиот експертски тим, кои се малку на број и се оптоварени со нивните секојдневни обврски со давање здравствени услуги на граѓаните“,
кажа Алиу.
Според него, се ангажираат странски експерти од Словенија, Австрија и Италија бидејќи ова прашање се подигнало на повисоко ниво, а не оти немаат верба во домашните доктори.
„Прашањето е многу сензитивно. Се работи за многу сензитивни операции на срце. Не дека не веруваме во нашите експерти, но сакаме јавноста да биде сигурна дека тој резултат, наод, извештај по работата на Комисијата и тројцата странски експерти, ќе ни биде патоказ за реорганизација и нова оптимизација на тие здравствени услуги. Уште едно мислење однадвор би било многу поуверливо до јавноста“,
вели тој.
Уште еднаш повтори дека не сака да влегува во детали за процесот, сè до моментот кога Комисијата ќе одржи прес-конференција за да ги објави наводите пред јавноста.
После таа фаза, како што додаде, тројцата надворешни експерти ќе бидат вклучени за консултации со внатрешните експерти за да може целиот тој систем да се затвори. Потоа, како Министерство ќе можат да креираат нови политики за тие здравствени системи.
На новинарско прашање дали приватните болници сега ги пријавуваат сите интервенции што ги прават, мерка што од 15 септември требаше да им биде задолжителна, рече дека процесот е активен и дека е отворен модулот за пријавување меѓу приватните болници и интегрираниот систем.
Интерната комисија беше формирана по наводите што неодамна ги изнесе кардиохиругот д-р Сашко Кедев, дека во приватните клиники се вршеле непотребни кардиолошки интервенции за профит.
„360 степени“ објави сторија во која го анализираше случајот со кардиолошките интервенции што во јавноста го актуализира кардиохирургот д-р Сашко Кедев во гостување на Радио „Канал 77“.
