Еврокомесарката за проширување, презентирајќи ги извештаите за земјите кандидатки за членство во ЕУ пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, земјава ја спомена само во две реченици, од кои во едната посочи дека С Македонија е целосно усогласена со Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и дека продолжува со работата на деловите поврзани со Кластерот 1, додека во другата се осврна на уставните измени и на недостатокот на прогрес околу ова прашање во текот на измината една година
Северна Македонија мора да ги направи уставните измени за да го продолжи својот пат кон Европската Унија. Ова го кажа еврокомесарката за проширување Марта Кос, презентирајќи ги во кратки црти извештаите за напредокот на земјите кандидатки за членство во ЕУ пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент – АФЕТ.

Северна Македонија ја спомена во само две реченици.
Во едната посочи дека земјава е целосно усогласена со Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и дека продолжува со работата на деловите поврзани со Кластерот 1, додека во другата се осврна на уставните измени и на недостатокот на прогрес околу ова прашање.
„Северна Македонија, како што реков, остана целосно усогласена со CFSP (Заедничката надворешна и безбедносна политика) и ја продолжи техничката работа на Патоказите и на Акцискиот план поврзани со Кластерот 1, но земјата не презеде одлучни чекори да напредува во процесот на пристапните преговори во изминатата една година.
Таа мора да ги донесе уставните измени согласно заклучоците на Советот на Европа од 2022 година за да напредува на својот пат кон Европската Унија“,
рече Кос пред АФЕТ.
За потсетување, земјава сè уште ги нема отворено поглавјата од пристапните преговори со Европската Унија бидејќи условот за тоа е вклучувањето на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот.
Актуелната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не се согласува уставните измени да бидат направени без претходно земјава да добие гаранции од Брисел дека нема да има други услови и вето од Бугарија на понатамошниот пат на Македонија кон ЕУ.
