Од страна на синдикатот било укажано дека додека не биде исплатената платата, ќе продолжат да протестираат секој ден во исто време и на исто место

Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ денеска очекуваат да ја добијат септемвриската плата и да им биде регулирано здравственото осигурување, откако добиле уверување од директорот на претпријатието.
Претседателот на Гранковиот синдикат на државна администрација, Горан Ристески, за МИА изјави дека на средбата со директорот им било соопштено оти се очекува парични средства да бидат префрлени од Град Скопје и од ЈП „Водовод и канализација“ токму за исплата на платите.
И покрај најавите за пари, од синдикатот се децидни дека протестите ќе продолжат.
„Додека не биде исплатената платата, ќе продолжат да протестираат секој ден во исто време и на исто место“, вели Ристески.
Покрај редовната плата, Ристески укажа на дополнителни обврски на менаџментот, кои се должат согласно колективниот договор, а не се исплатени од 2022 година – јубилејни награди, регрес за годишен одмор, отпремнина за пензија и надомест за починат член на семејството.
Засега, одлуката за генерален штрајк останува во мирување сè додека не се исцрпат сите правни механизми за мирно решавање на проблемот.
Како што изјави Ристески, синдикатот веќе се подготвува за следен чекор – решавање на проблемот преку арбитража.
