Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека рочиштето е отповикано откако добиле известување од јавниот обвинител што го застапува обвинението дека не може да присуствува на рочиштето од здравствени причини. Дополнително, како што пренесе МИА, до Судот стигнало и известување од Казнено-поправната установа Затвор „Скопје“ дека поголем дел од обвинетите треба да присуствуваат на погреб
Судењето против поранешниот директор на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Филип Андонов-Сокол, и уште неколку вработени во затворот, кои се обвинети дека им овозможувале привилегии на осуденици што немале право на тоа според судските одлуки, кое требаше да продолжи денеска, е одложено за 12 ноември.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека рочиштето е отповикано откако добиле известување од јавниот обвинител што го застапува обвинението дека не може да присуствува на рочиштето од здравствени причини.
Дополнително, како што пренесе МИА, до Судот стигнало и известување од Казнено-поправната установа затвор „Скопје“ дека поголем дел од обвинетите треба да присуствуваат на погреб.
Андонов и уште шестмина затворски полицајци на првите рочишта од почетокот на судскиот процес се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар.
За потсетување, обвинението против ексдиректорот и седуммина затворски полицајци беше поднесено на 8 јули годинава. Според него, Андонов и двајца полициски службеници се товарат дека сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а еден од полицајците ќе одговара и за несовесно работење во службата.
За кривичното дело несовесно работење во службата обвинети се и другите петмина полициски службеници.
Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ексдиректорот и другите обвинети лани во периодот од март до јули со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, односно на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале.
„Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода надвор од установа“,
соопштија тогаш од ОЈО ГОКК.
Постапката за случајот беше отворена на крајот на февруари годинава со претреси на повеќе локации што во координација од ОЈО ГОКК ги извршија екипи на Министерството за внатрешни работи.
Во акцијата тогаш беа приведени поранешниот директор на затворот „Скопје“ и уште 10 затворски полицајци под истите сомневања наведени во обвинението. На предлог на Обвинителството, на тогаш осомничените Основниот кривичен суд Скопје им определи мерки за претпазливост.
За двајца од тогаш обвинетите Обвинителството донело решение со кои постапката против нив е запрена поради немање докази и тие не се опфатени со обвинението.
Андонов и полициските службеници на обвинителна клупа седнаа на 20 август, но рочиштето беше одложено на барање на одбраната за да може да ги разгледа доказите што истиот ден ги доби од Обвинителството.

Во изјава за медиумите, Андонов тогаш рече дека за три и пол години како директор на затворот „Скопје“ во ниту еден случај не го прекршил Законот за извршување санкции.
„Во ниту еден случај не сум го прекршил начелото на Законот за извршување санкции, никогаш не сум ја повредил безбедноста на затвор ‘Скопје’, тоа можам да го кажам. За затворската полиција можам да нагласам дека си ја имаат извршено целосно правилно целата задача и тие се бесправно обвинети“,
рече Андонов на 20 август.
На рочиштето на 2 октомври, Андонов се изјасни дека се чувствува невин за делото за кое е обвинет, наведувајќи дека тоа било негово дискреционо право што го користел во повеќе наврати.
Инаку, за еден од обвинетите затворски полицајци постапката е одвоена поради неговата здравствена состојба.
