Зоолошката градина во Скопје од денеска има нова атракција – розови фламинга, кои се едни од најегзотичните птици.
Како што информира на денешната прес-конференција Тина Мицковска од ЗОО Скопје, овој вид фламинго – големо или розово, е многу распространето и го има во Јужна Америка, Јужна Африка, во Европа, Португалија, Кипар, Албанија, во Шпанија.
Новите жители на скопската ЗОО се 15 млади птици, кои имаат помалку од една година. Сè уште ја немаат впечатливата боја, но ќе ја добијат до петгодишна возраст, преку пигмент од специјална храна со која ќе бидат хранети.

Внатрешниот дел на живеалиштето кое денеска беше официјално пуштено, како што информира градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, е на површина од околу 40 квадратни метри, терасата е на околу 120 квадратни метри, а има и посебно езерце направено по сите стандарди.
Непосредно до ова живеалиште во тек е изградбата на живеалиштето за пингвините.
„Очекувам во текот на летниот период да може да ги претставиме и пингвините. Ќе имаме два вида на најегзотични птици во нашата Зоолошка градина. Ги повикувам скопјани да ја посетат, притоа да се придржуваат сите до протоколите“,
рече Шилегов.
За фламингата ќе се грижат негувателите Маја и Војо.

„Јадат специјална храна за фламинга од Германија. За самото живеалиште не беше важно само да го изградиме, туку внимававме на секој детаљ. Носевме земја од повеќе локации, собиравме растенија од каде стигневме. Сакавме да направиме поуникатно и поегзотично живеалиште“,
објаснува негувателот од ЗОО, Војо.
