Според резултатите што се објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), од 100 отсто обработени избирачки места, може да се забележи дека неважечките ливчиња во дел од општините можеле да го променат конечниот резултат и да има друг победник

Речиси 30 илјади неважечки ливчиња имало на вчерашниот втор круг од локалните избори во 32 општини и vo Градот Скопје.
Вкупниот број изнесува 29 815, од кои 10 528 се од изборот за градоначалник на главниот град, а другите 19 287 од гласањето во 32-те општини каде што се одржуваше втор круг.
Според резултатите што се објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), од 100 отсто обработени избирачки места, може да се забележи дека неважечките ливчиња во дел од општините можеле да го променат конечниот резултат, односно да има друг победник.
Во најмалку девет општини бројот на неважечки ливчиња е поголем од разликата меѓу двајцата кандидати што беа во вториот круг. Таков пример е скопската општина Карпош. Таму победник е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Сотир Лукровски, кој освои 13 512 гласа, а неговиот противкандидат од коалицијата „Искуство за успех“, Стевчо Јакимовски, имаше добиено 12 378 гласа. Разликата меѓу нив е 1 134 гласа. Во оваа општина бројот на неважечките ливчиња е 2 834.

Друг пример каде бројот на неважечки ливчиња е поголем од разликата меѓу кандидатите е Општина Брвеница. Таму разликата меѓу победникот Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Хаќим Рамадани од коалицијата ВЛЕН е 150 гласа, додека бројот на неважечките ливчиња е 179.
Во Општина Валандово победникот Ѓоко Камчев има освоено 246 гласа повеќе од неговиот противкандидат Перо Костадинов. Во оваа општина бројот на неважечките ливчиња е 291.
Во листата со голем број неважечки ливчиња, наспроти разликата меѓу двајцата кандидати е и Крушево. Таму кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Нико Чонески, има освоено 19 гласа повеќе од Томе Христовски од СДСМ. Бројот на неважечки ливчиња, пак, тука е 174.

Во општина Пробиштип бројот на неважечки ливчиња е 502, додека разликата меѓу победникот Тони Тоневски и противкандидатот Драган Анастасов е 29 гласа.

Речиси три пати повеќе неважечки ливчиња од разликата меѓу кандидатите имало и во Општина Чешиново-Облешево. Таму бројот на неважечки ливчиња е 144, а разликата меѓу Јорданче Костадинов, кој победи, и Горанчо Крстев е 52 гласа.
Ванчо Митев од коалицијата предводена од СДСМ победи во Општина Зрновци со 12 гласа повеќе од противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Борчо Коцев, додека бројот на неважечките ливчиња е 55.
Општина Македонска Каменица, каде што вчера беше избрана една од жените градоначалнички, Соња Стаменкова од коалицијата предводена од СДСМ имаше 32 гласа повеќе од Димчо Атанасовски од ВМРО-ДПМНЕ. И во оваа општина бројот на неважечките ливчиња е далеку поголем од разликата меѓу двајцата кандидати и изнесува 319.
Во Општина Струга победи независниот кандидат Менди Ќура, кој освои 12 490 гласа, а Арсим Далипи од „Националната алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, имаше 11 953 гласа. Разликата меѓу двајцата кандидати е 537 гласа, што е двојно помалку од бројот на неважечките ливчиња – 1 222.

Освен во овие општини, бројот на неважечки ливчиња е поголем од разликата меѓу двајцата кандидати и во Демир Капија, Лозово, Росоман, Куманово и Студеничани.
Во вчерашниот втор круг од локалните избори во некои општини, особено во источниот дел од земјава, може да се забележи многу тесна трка помеѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Разликата во гласови во дел од општините е десетина.
Во вториот круг од локалните избори што се одржаа вчера, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 21 градоначалник, коалицијата ВЛЕН доби четири нови градоначалнички места, коалицијата предводена од СДСМ освои три градоначалници и Унијата на Роми, Движењето ЗНАМ и НАИ освоија едно градоначалничко место. Градоначалнички мандат во Струга доби и независниот кандидат Менди Ќура.
Сумирано, со канидидатите од ВМРО-ДПМНЕ кои победата ја запечатија уште во првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ ќе има градоначалници во 54 општини, плус Градот Скопје, каде Орце Ѓорѓиевски ја однесе победата над кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ. ВЛЕН ќе има вкупно девет градоначалници, социјалдемократите ќе раководат со вкупно шест општини, коалицијата предводена од ДУИ, „Национална алијанса за интеграција“ ќе има вкупно четворица градоначалници.
Со Струга ќе раководи независниот кандидат Менди Ќура, со Куманово – Максим Димитриевски од ЗНАМ и со Шуто Оризари – Курто Дудуш од Унијата на Роми, кои за победите се изборија во вториот круг, откако во првиот круг не успеаја да го поминат прагот од 50 отсто плус еден од излезените избирачи.
