Според резултатите на Државната изборна комисија (ДИК), по пребројани 99,12 отсто од гласовите, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ освои 94 714 гласови, наспроти Амар Мециновиќ од Левица кој освои 60 494 гласови
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва по завршување на вториот круг од локалните избори му упати порака на неговиот противкандидат од Левица, Амар Мециновиќ. Изјавата за медиумите ја даде по објавувањето на првичните резултати кои ја потврдија неговата победа.

„Амар е поразен, жестоко поразен. Му порачувам да го загрее столчето и да го заврши факултетот, за да не мора да лаже. Човек кој ја лажеше целата македонска јавност дека е дете на стечајци и дека има завршено факултет, а нема, можете да замислите што е подготвен да направи ако му дадете поголема власт. Но, народот во Скопје мудро пресуди“,
рече тој.
Ѓорѓиевски победи во вториот круг од локалните избори за градоначалник на Скопје.
Според резултатите на Државната изборна комисија (ДИК), по пребројани 99,12 отсто од гласовите, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ освои 94 714 гласови, наспроти Амар Мециновиќ од Левица кој освои 60 494 гласови.
Бројот на неважечки ливчиња во вториот круг за Скопје е 10 310.
Споредбено со првиот круг, Ѓорѓиевски ја зголеми поддршката со околу 3 000 гласови. Во првиот круг тој освои 91 663 гласови.
Мециновиќ, пак, го удвои бројот на гласови во вториот круг. Во првиот круг за него гласаа 30 665 граѓани.
